Всушност се чини дека СДСМ ја плаќа сметката за победата во 2020 година, кога и покрај корупцијата и потпишаните договори со Грција и Бугарија, доби уште една шанса. Целосен мандат од четири години, во кои можеше од Македонија да создаде Луксембург и мирно да ужива, како што велеше Ковачевски, во уште неколку мандати до неговите посакувани 12 години. Чист мандат, со целосна поддршка од Западот, во кој можеа Македонија да ја направат „горда“ држава, на „горди“ граѓани, со полни библиотеки, книжарници и театри, во која се бара билет повеќе за Македонската, а не Националната опера и балет, наместо сегашната Македонија во која во контејнерите се бара едно пластично шише повеќе.
Наместо таа „горда“ Македонија, наместо една политички досадна држава во која се водат дебати за Хемингвеј и Толстој, а не за Ковачевски и Мицкоски, наместо држава во која работите функционираат како под конец, ние добивме две орди, два одреда на башибозук кои крадеа како да следи потоп на светот. Оној библискиот. И навистина, потоп следи, ама за нив – во среда кога ќе се излее сиот гнев собиран во сите овие седум години, „засладаен“ со желба за одмазда за 2020 година.
А овие врз кои ќе се истури гевот, во меѓувреме, додека ги полнеа бисагите, не сработија ништо. Ама баш ништо. Освен за себе. Ја претворија Македонија во феуд на група властодржци и феудално население, од кое, за среќа, е тргнат терминот „закрепостено“, па затоа почна масовното иселување на запад. Само што овој пат, ги нема чевлите на Владе Милчин пред Илинденска, што е само уште еден доказ за тоа дека овој башибозук на власт дојде преку специјална операција.
Како и да е, Македонија, посебно западна, се празни, така што, ако вака продолжат работите, ќе нема за кого да важи Законот за двојазичност, а измислениот Бадинтер при составување на владата Бујар Османи ќе може да си го закачи за носот. Ќе нема кој да ги избира албанските политичари. Впрочем во едни други времиња, албанскиот политички кампус во Македонија добивал на избори околу 240 000 гласови (со полнење на кутиите патем), а овој пат, на 24 април, Бујар Османи и Арбен Таравари, добија вкупно 200 000 гласови, при што, повторно патем, не изостана и традиционалното полнење на кутиите. Колку да не се каже дека Албанците се народ кој не ја почитува традицијата. Во секој случај, недостигаат 40 000 гласови, тоа се 40 000 луѓе и ако кон нив се додадат и децата во тие 20-тина илјади семејства, јасно ви е дека станува збор за вистиски помор, за вистинска трагедија за Македонија, а среќа за западните земји кои добија ефтина работна сила.
Не е подобро ни кај Македонците, бидејќи источна Македонија е празна, а наскоро ќе има население колку да се пополни една помала трибина на некој локален стадион. Така што она „Македонија вечна“, од некогашната територија од Олимп до Прохор Пчински и од Охрид до Пирин, ќе се сведе на Скопје кое се вика и Шкупи, ама ќе нема кој да нарекува така.
Оттука, сосема е разбирливо што корупцијата и сиромаштијата се наметнаа како главни теми на овие избори, наспроти националните прашања кои некако останаа во втор план. Во услови кога 80 отсто од населението се занимава со прашањето на гладта, поинаку не ни можеше да биде.
Потопот со кој се соочува СДСМ се чини му е јасен и на неговото раководство кое бледо ги одработи овие 40-тина денови, наспроти вмровците кои стигнуваа на по неколку места во текот на еден ден и навистина, нагазија максимално колку што се може. На тоа, бледиот и апатичен СДСМ не можеше да парира, и таму веројатно веќе се подготвуваат за пакување на куферите. Овие избори ќе значат крај и за политичката кариера на Ковачевски, во кој пад со себе ги повлече и Филипче и Спасовски за кои се зборуваше дека би го сакале неговото место на чело на СДСМ. Ќе биде крајно неверојатно овие двајца, по катастрофата што ќе ја доживеат, да се надеваат дека ќе можат да застанат на чело на партијата која ќе се бори да го задржи приматот на втора најголема партија во Македонија. Ова посебно се однесува на Филипче, кој очигледно се надеваше дека со истите „финти“ од времето на короната, додека бројот на мртви растеше,а тој го „билдаше“ својот рејтинг, ќе може нешто да стори против Николоски.
Тука, да не го заборавиме и очајот на ДУИ, која преку Османи се обиде да го протурка ставот дека ДУИ ќе морала да биде во Владата заради Бадинтеровото мнозинство. Прво, таков услов за составување на Владата не постои, второ, тоа го покажува очајот во кој е западната ДУИ која се однесува како давеник кој се фаќа за сламка. Во секој случај, на ДУИ не му следуваат убави денови, но барем во изминатите години толку се нафатираа, што полесно ќе можат да ги пребродат неволјите кои им се видик.
На ВМРО-ДПМНЕ пак му останува да ги исполни ветувањата од оваа кампања. Пред се дека ќе се справи со корупцијата, при што јавноста нема да остави простор за било какви калкулации. Состојбата е таква што и најмал сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ не се однесува согласно ветено, брзо ќе ја елиминира еуфоријата која сега владее во негова полза. Листата со личности за кои јавноста очекува казна е долга, почнувајќи од другарчињата Заев и Филипче, завршувајќи со Ковачевски, Ахмети и Артан Груби, посебно што на последниве двајца ВМРО-ДПМНЕ потроши 80 отсто од својата кампања, во која СДСМ веќе не се ни споменува, како партија која е отпишана од листата на сериозни противници.
Вториот сегмет е сиромаштијата, за што ВМРО-ДПМНЕ навистина ќе треба да направи чудо. Како и какво? Тоа засегнатите не ги интересира. 110 000 пензионери со пензија до 13 000 денари, 200 000 пензионери со пензија до 16 000 денари, 46 отсто вработени со минимална плата или плата околу минималната, не очекуваат ништо друго освен чудо кое ќе им овозможи да можат да видат нешто повеќе од животот, освен сурова борба за тоа како нивните деца да бидат сити и да останат дома, а не да бараат начин како да се качат на некој автобус кој ги води на запад.
Впрочем, според последните податови на ММФ, Македонија има 7 690 долари БДП по глава на жител, приближно толку имаат и Молдавија со 7 590 долари и Белорусија со 7 560 долари по жител. Тоа е нашето друштво. Албанија, онаа Албанија на Енвер Хоџа, некогаш најзаостаната и најзатворена држава во Европа, има, за нас фантастични 8 920 долари по жител, БиХ 8 420 долари, а Србија и Црна Гора веќе се недофатливи за нас со 12 000 долари по жител. Послабо од нас стојат само Косово со нешто над 6 300 долари по жител и Украина која е под 6 000 долари, а за која нема потреба да објаснувам зошто е тоа така. Тоа се ефектите од „блескаме“ во овие седум години, тоа се ефектите од напредната прозападна политика на муртинецот и неговиот наследник, наспроти оние другите кои биле за Русија, Кина и сл. Патем, Русите имаат 14 000 долари по жител, што е неспоредливо слабо во однос на западните земји (дури и во однос на една Грција која има непто над 23 000 долари по жител), но тоа се 14 000 долари за кои ние можеме само да сонуваме. Па сега видете вие кој за што е!
Оттука, во среда вечерта завршува медениот месец меѓу гласачите и ВМРО-ДПМНЕ, а од четврток почнува една сосема друга приказна. Во која ќе се бара испорачување на резултатите. Но, ајде, да ја почекаме прво средата, а за тоа другото – потоа!