Бевме во еден бран изминативе дваесеттина години каде што се можно крстивме според револуционери од периодот пред и после Илинденското востание. Претходно во социјализмот ги воспевавме сите можни ликови од таа ера. Географските и историските ликови, посебно оние со значење за егејското прашање во главно беа улици по периферијата или сокачиња во Гази баба. Се расфрлавме едно време и со антиката, а во средините со мнозинско етничко албанско население се изнагледавме и од нивната антика, или борци на УЧК.
Забораваме да ги кренеме, воспееме и обележиме ликовите и легендите во сферата на музиката, уметноста, театарот, но и спортот, и се е стихијно, и кога да се случи обилно е за некое сокаче, или само обележје.
Јас покрај другите имиња кои ќе ги наведам, ова мое јавно обраќање ќе го наменам на Иван Терзиев. Ниту сум го познавал додека бил жив, ниту него, ниту неговото семејство. Човекот е почнат скоро 10 години. Генијален флејтист и композитор, автор и изведувач на еден куп инструментални дела кои секој од нас ги знае и ги чул во позадина на бројни серии, на Македонските народни приказни или другите документарци и прилози.
На крајот на краиштата, човекот е автор на маршот „Химна за ВМРО“ нумера која токму владејачката ВМРО ДПМНЕ ја пушта на секој почеток и крај од било кој настан, манифестација или митинг.
Доколку отидете на фејсбук или јутуб и пишете Иван Терзиев, ќе ви излезат еден куп дела кои ќе ве вратат назад во детството и на програмата на Македонската радио телевизија.
Сметам дека Иван Терзиев треба да биде многу повеќе актуелен и да добие и обележје, улица или објект за својот придонес на македонската култура и музика, но тука треба свое место да земат и еден Гоце Николовски, Војо Стојановски, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, заедно со основоположниците Александар Сариевски, Никола Бадев, Васка Илиева, Вања Лазарова, Есма Теодосиевска, како претставници на традиционалната народна музика, но и класичарите композитори, диригенти и изведувачи како таткото и синот Фирфови, Тодор Скаловски, Кирил Македонски, Кире Костов и многу други, како и неодамна почината Милка Ефтимова.
Имаме огромен број на истакнати актери и филмски и театарски работници кои го напуштија овоземскиот свет, а треба да бидат испочитувани. Годинава свој јубилеј слави и скопската Зоолошка слави 100 години постоење. Во еден период и јас бев дел од истата, и сметам дека треба да се обележи и името на Станко Караман, а се надевам и други ликови кои дале голем придонес за Природно научниот музеј и Зоолошката кои законски се одвоија после 2005 година.
Неодамна си отиде и големиот Васил Рингов, легенда на ФК Вардар и македонскиот фудбал. Скромен и мил човек, со импозантна кариера. Имаме ликови во спортот еден куп, кои веќе не се меѓу нас како Џина, како Часлав Божиновски, Кирил Дојчиновски и безброј други кои се дел од современата македонска историја.
Место советниците во Градот Скопје, општините и Владата да водат неретко дебати за некои личности од далечното минато и странци, доволно е да црпнат во македонската современа култура, уметност, наука и спорт, и тука ќе ги најдат хероите на нацијата.
Александар Ристевски