Она што последниве години и, посебно, последниве денови, се случува во светот ме поттикна да се навратам на зборовите на францускиот историчар Ален Ришо. Тој, во неговото дело “Историја на колонизацијата“, објавено кон крајот на 19 век, кога Франција го доживува врвот на својата моќ како колонијална сила, меѓу другото, напишал:
“Цел на секоја политичка акција во колониите треба да биде препознавање и искористување на употребливите локални елементи и, неутрализирање и уништување на оние елементи кои не може да се употребат…“
Ова, како принцип, веќе со децении наназад, го користи радикалната левица, претставена како “либерална меѓународна заедница“, во обидот, преку забревтаниот глобализам, да воспостави економски неоколонијални односи во земјите богати со ресурси потребни за нивна безгрижна живеачка. Зашто, станува се’ појасно дека без колонии и нивно ограбување, “либералната меѓународна заедница“ нема начин да го задржи својот економски развој.
Истовремено, воспоставува и политички неоколонијализам, за потребите на ширење на своето влијание, во обид да се спречи создавањето мултиполарен свет, односно униполарното владеење на западниот радикален марксизам, или, “либералната меѓународна заедница“ да ја задржи својата моќ заради владеење со светот од еден центар. Притоа, небитна е политичката ориентација на “употребливите локални елементи“ се’ додека се подготвени да одработуваат за туѓи интереси.
Па така, во Македонија и Украина препознаа “употребливи локални елементи“ во двајца комедијанти-трагичари, во Зоран Заев и оние околу него и, Владимир Зеленски и неговите соработници. Искористувајќи ги, создадоа политички колонии во двете сега веќе нефункционални држави и, успеаја да ги остварат своите цели – влез на НАТО во Македонија и бришење на името на државата и идентитетот на македонскиот народ и, внесување на Украина во војна со Руската Федерација, во обид да се постигне нејзин распад и слободен пристап до нејзините ресурси.
Потоа, за да обезбедат свое присуство и пристап до ресурсите на Блискиот исток (точно е – Југозападна Азија), инсталираа поранешен лидер на терористичка организација која се наоѓаше и на “црните листи“, па терористот Ахмед ал Шара денес е “почитуван“ претседател на Сирија и близок соработник на “либералната меѓународна заедница“. А, за да добијат пристап до Црното море и, да дојдат што поблиску до границите на Руската Федерација, за да утре задутре создадат нова “Украина“, во Романија и во Молдавија ги “препознаа“ како употребливи, ги инсталираа и, ги користат либералот Никушор Дан во Романија и, Маја Санду во Молдавија.
Така, денес, бидејќи употребливите локални елементи се на власт, Украина и Молдавија, според Европската комисија, се наоѓаат некаде на врвот на демократијата. Тврдење толку срамно што уште еднаш ги докажува вулгарните двојни стандарди на “либералната меѓународна заедница“ чие друштво, за жал, претставува наш “идеал“ (Но, ова е тема за наредната колумна).
“МАЧАДО-изам“, новото име на неоколонијализмот
Најпрво го зедоа под целосна контрола и го исполитизираа, или “либерализираа“ Нобеловиот комитет, па овој, по политичка нарачка, Нобеловата награда за мир и ја додели на, како што ја претставија, венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, за нејзината “борба за демократија и човекови права во режимот на Мадуро“. Дури, претседателот на Нобеловиот комитет ќе рече дека наградата оди кај “храбра и посветена застапничка на мирот“.
И, нормално, оваа “храбра и посветена застапничка на мирот“ воопшто не се спротивстави на убиството на нејзини сограѓани, венецуелски државјани, кои во “мировен манир“, беа ликвидирани додека пловеа со своите чамци или бродчиња, бидејќи нели, биле трговци со дрога. Без судење, без докази, едноставно ликвидирани со ракети управувани со џојстик, како во детските компјутерски игри. Па, си помислувам, секој од нас, без судење и докази, може да биде брутално ликвидиран, додека управува чамец, велосипед или автомобил, само доколку некој рече дека е дилер на дрога или што и да е што не одговара на “храбрите и посветени застапници на мирот“.
За да биде се’ јасно, Мачадо, новиот симбол на неоколонијализмот, деновиве изјави дека “сите венецуелски ресурси (извори на нафта, кои се сметаат за едни од најголемите резерви на светот и, рудници со ретки минерали, толку потребни за нечиј непречен развој), доколку биде ликвидиран Мадуро и таа дојде на власт, ќе бидат приватизирани.“ И уште додаде дека “големи инвеститори од САД, кои се на само два три часа од тука, се подготвени веднаш да инвестираат во нивната приватизација“ и дека “се тоа добри луѓе кои треба многу да заработат…“
Ете зошто Мачадо, иако со десничарски ставови за целосна приватизација на венецуелските богатства, или токму заради нив, е препознаена од “либералната меѓународна заедница“ како употреблив елемент кој треба да биде искористен во процесот на глобализам и воспоставување неоколонијални односи.
Истовремено, еден екстремен левичар, Зохран Мамдани беше препознаен како употреблив локален елемент во битката против суверенистичката, антиродова, антивоук… МАГА програма на Доналд Трамп и, беше маштабно поддржуван од “либералната меѓународна заедница“ во неговата битка за градоначалник на Њу Јорк. Откако беше избран, уште вечерта, тој изјави дека “Њујорк ќе остане град на имигранти, град изграден од имигранти, управуван од имигранти и, од вечерва, предводен од имигрант“.
Ова се двата најсвежи примери за бруталноста и двојните стандарди на “либералната меѓународна заедница“, односно радикалната левица, кога се во прашање интересите на грст најбогати луѓе на светот, кои уништувајќи се’ што е традиционално, се’ што се потпира на вистински вредности, се’ што сака да го сочува сопствениот суверенитет, сака да загосподари со светот од еден центар.
Притоа, се напаѓаат и поединци и семејства и држави и целиот светски поредок, со цел да се воспостави “нова нормалност“
Нормалните “нормални“ мора да се спротивстават по секоја цена!!!
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК