Воената интервенција на САД врз Иран ја потврди тезата дека претседателот на САД Доналд Трамп, за едната рака го влечат кон официјалното движење MAGA (Make America Great Again), а за другата, преку AIPAC (American Israel Public Affairs Committee), поранешен AZCPA (American Zionist Committee for Public Affairs), кон неофицијалното движење MAZA (Make America Zionist Again). Преведено на македонски, Трамп е растргнат меѓу “Да ја направиме Америка повторно голема“ и “Да ја направиме Америка повторно ционистичка“.
Имено, движењето MAGA не е “измислено“ од Трамп, туку е формирано од загрижена група американски суверенисти, свесни за огромното влијание на ционистичкиот корпоративен глобализам во американската политика токму преку AIPAC, кој со милиони долари ги поддржува предизборните кампањи и на демократските и на републиканските кандидати за конгресмени и сенатори, за да потоа, го користи своето влијание врз нив за свои интереси. Нивната цел е, токму преку MAGA, покрај тоа што би ја направиле Америка повторно голема, да ја вратат Америка повторно на Американците и, да ја поразат радикалната левица (оружје во рацете на ционизмот) во САД и во светот. Трамп е избран за нивни претседателски кандидат во чија кампања вложија стотици милиони долари. Но, истовремено, во неговата кампања влегоа и стотици милиони долари контролирани од AIPAC, со цел да ги поддржи нивните ционистички заложби, за да тие, преку либералната идеологија, го интензивираат корпоративниот глобализам и да завладеат со светот од еден центар. Токму затоа двете страни трескавично се борат за свое влијание врз одлуките на Трамп како американски претседател.
Едните, MAGA, во негова близина го инсталираа потпретседателот Џ. Д. Венс, а другите, MAZA, државниот секретар Марко Рубио. Едните бараа преговори со Иран, другите бараа војна до уништување; едните бараат преговори и завршување на војната во Украина, другите бараат натамошна ескалација; едните бараат враќање кон традиционалните вредности, другите промовираат воук и останати идеологии заради дехуманизација и депопулација на човештвото…
Непомирливоста во ставовите, од САД создаде најподелено општество, а таа поделеност се пресликува во целиот свет.
ВОЈНА МЕЃУ КОРПОРАТОКРАТСКИ И ТЕОКРАТСКИ РЕЖИМ
Корпоратократија (corporatocracy – моќ на корпорациите), претставува вид на владеење, односно политички систем, во кој, со државата управуваат моќни и богати корпорации, директно или преку од нив избрани и именувани претставници кои ги штитат нивните интереси.
Теократија (theocracy), претставува вид на владеење каде религијата ја има главната улога во донесување на одлуките и управувањето со општеството.
Џон Перкинс во својата книга “Исповед на еден економски убиец“ корпоратократијата ја дефинира како “луѓе, мажи и жени кои управуваат со најголемите корпорации. Тие ги контролираат САД преку финансиските институции, а преку нив и најголемиот број влади во светот. Тие луѓе ги поседуваат и медиумите. Тие се двигател на една идеја – извлекување максимум профит.
Тие, на сиромашните и на земјите во развој, им доделуваат кредити кои овие земји не можат да ги вратат и тогаш настапуваат “економските убијци“ со барање доколку не можат да го исплатат долгот, да ги дадат своите ресурси.“
Во реализација на ваквите аранжмани, според Перкинс, кој, инаку, работел како “економски убиец“, “учествуваат американските служби за безбедност и разузнавање, конгресмени и сенатори, банки, а во некои посебно важни случаи и претседателот на САД. Па, доколку “економските убијци“ не се во состојба да ги реализираат зацртаните цели, односно некој политичар не ги прифати нивните барања, следат соодветни санкции кон владите или шефовите на државите, вклучително и атентати или вооружени интервенции“.
Теократијата во Иран, пак, неуморно се стреми да го трансформира традиционалниот исламски концепт на џихад и да го воспостави како централно прашање во идеологијата на исламскиот режим, истовремено создавајќи политички систем во кој власта е заснована на исламскиот закон (шеријат), длабоко вкоренет во секојдневниот живот, со што Иран претставува репресивна и недемократска држава во која моќта е концентрирана во рацете на верската елита.
Денес, со напад врз теократијата како систем виновен за внатрешните состојби во Иран, корпоратократијата започна војна од која светот мора да стравува. Војна, која се оправдува со “обврската“ да се урне теократскиот режим во Иран, преку убиството на неговиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кого претседателот на САД Доналд Трамп, го оцени како “еден од најзлобните луѓе во историјата“.
Започна војната меѓу две зла – меѓу корпоратократијата и теократијата.
И официјално започна судирот на цивилизации кој долго време тлееше во обидот една агресивна цивилизација на сите останати да им го наметне својот начин на живот (american way of life).
“ЖЕНИ, ЖИВОТ, СЛОБОДА“
Текстов требаше да има сосема поинаква содржина, со анализа на воените дејства и случувањата во засегнатиот регион, но, ме вознемири, дури и ме загрижи леснотијата со која македонската и светската јавност остро се подели во коментарите околу американската интервенција во Иран. Ме вознемири количеството омраза кон едната или другата страна и, истовремено, острастеноста со која се брани едната или другата страна, секако, во зависност од позицијата на оној кој коментира.
Едно треба да ни биде јасно – во војната најсмртоносни се првите два испукани куршуми, зашто тие ја убиваат вистината. На обете страни. Потоа, потоа секој со својата “вистина“, секој со своите “аргументи“. И нормално, секој ќе најде нешто прочитано недочитано, нешто чуено недочуено за да го истакне во коментарот за или против.
Во контекст на ова, пред само три дена објавив текст со наслов “За двојните стандарди, по којзнае кој пат“. И еве, повторно сведочиме на двојни стандарди.
Колку за пример – многумина се повикуваат на односот на иранската теократска власт кон жените, кон нивната обесправеност, кон обврската да се облекуваат како што им е наредено, потсетуваат на протестите кога по улиците на Техеран се извикуваше “Жени, живот, слобода“, па и самото тоа го сметаат како доволен повод да се започне една војна.
За да не се разбереме погрешно, не верувам дека на светот постои нормален човек кој не посакува жената како човечко суштество да ги има сите слободи и права, па дури и да биде заштитена во општеството.
Но токму заради двојните стандарди, да потсетам дека наспроти диктаторскиот Иран, во кој жената е суштество од втор ред, во “слободните“ демократски општества имаме милиони жени кои како робови се принудени да работат под црвените фенери во најстариот занает; дека имаме илјадници девојчиња заробени во порно индустријата; дека десеттици илјади малолетни деца биле носени на педофилскиот остров на Епштајн каде биле искористувани, злоставувани, мачени и убивани.
И за нив мора да важи паролата “Жени, живот, слобода“.
Од друга страна, пак, оние кои ја критикуваат американската употреба на сила, мора да знаат дека токму иранскиот режим е оној кој со децении вооружува прокси милиции на блискиот исток, што ќе рече дека со сила предизвикува сила.
Со еден збор, не постои ниту можност, ниту потреба да оправдуваме и поддржуваме било која од завојуваните страни – и корпоратократијата и теократијата не се нашата иднина.
И да, меѓународното право, доколку важи за ОАЕ, Катар, Саудиска Арабија,,, и нивниот територијален интегритет, важи и за Иран, сакале ние или не. И, да не заборавиме, 148-те убиени девојчиња во женското училиште во Иран имаа исти соништа како и нашите ќерки…
Поинаку, ако застанеме на едната страна, се’ што пишуваме и се’ за што се залагаме е една голема лага и лицемерие од најдолен вид, заземање страна во зависност од сопствените интереси. Стануваме неморални продавачи на морал.
Затоа, текстов останува отворен обид да се прикаже што се случува, како повод за размисла без двојни стандарди…
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК