Текстов, колку за потсетување на она што се случува последниве децении владеење на либералниот глобализам, ќе го започнам со десетте точки на воената пропаганда, кои уште во далечната 1928 година ги наведува лордот Артур Понсонби, за да, кон крајот на дваесеттиот век, Ен Морели, белгиска историчарка со италијанско потекло, ги запишува како универзални обрасци кои се користат за мобилизација на народот и демонизација на непријателот во текот на вооружен судир.
- Не сакаме војна. Непријателот не натера на тоа.
- Вината е кај другиот, нашата акција е одбрамбена.
- Лидерот на непријателската страна е Ѓавол“ или “чудовиште“, а не непријателскиот народ.
- Браниме благородна цел, а не посебни интереси. Војната е претставена како борба за повисоки идеали (демократија, слобода, правда), а не за ресурси или територија.
- Непријателот систематски врши злосторства. Приказните за силувања, убиства и ѕверства намерно се шират, а сопствените злосторства се игнорираат или оправдуваат.
- Непријателот користи недозволени средства – го крши меѓународното право и конвенции.
- Нашите жртви се минимални, непријателските се огромни. Се манипулира со бројот на жртви заради одржување на моралот и демонстрација на супериорност.
- Уметниците и интелектуалците ја поддржуваат нашата цел – се користат авторитети за легитимирање на војната.
- Нашата мисија е света – војната добива верски или месијански тон.
- Секој кој се сомнева во нашата пропаганда му помага на непријателот. Секое критичко мислење или сомнеж се прогласуваат за предавство.
Верувам дека токму овие универзални обрасци ви се добро познати, бидејќи, за жал, се користат веќе неколку децении, од агресиите врз Ирак, Либија, Сирија… па се’ до последнава, врз Иран.
ОД НАФТНИ ИЗВОРИ ДО ВЕРСКИ ХРАМОВИ
НАФТА,
Бидејќи веќе и на “врапчињата им е јасно“ дека веќе со децении наназад сите воени интервенции кои ги преземаат САД водат кон изворите на енергенси кои припаѓаат на суверени држави, но, на кои, САД сметаат дека имаат право да ги експлоатираат и, притоа, да воспостават контрола врз 50 проценти од светската нафта, нема долго да се задржам на овој прв аспект на војната во Иран. ( Сепак, морам да споделам една шега која оди вака – каква среќа имаат САД, секаде каде “носат“ демократија, наидуваат на нафта…).
ГЕОПОЛИТИКА,
Вториот аспект од оваа војна, исто така, веќе им е познат речиси на сите. Имено, во геополитичка смисла, САД, на секој начин се обидуваат да го спречат натамошниот економски развој на Кина и нејзиното влијание во светот, посебно преку проектот “Појас и пат“. Економски развој и проект кој интензивно минува низ Иран и, што е уште поважно, во многу се потпира на иранската нафта. И, најверојатно, продолжувањето на војната и подолготрајното затворање на Ормускиот теснец преку кој минува најмалку 20 проценти од светската нафта, најтешко ќе се одрази токму на кинеската економија.
ВЕРА,
И конечно, третиот аспект на американско-израелската агресија врз Иран – верскиот, аспект кој ќе го објаснам со цитати од американски високи официјални претставници. Еве што велат тие:
– Сенатор Линдзи Грем: “ова е верска војна која ќе го зацрта курсот за иднината на Блискиот исток за илјада години“
– Сенатор Кевин Крамер: “го нападнавме Иран бидејќи имаме библиска одговорност кон Израел“
– Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби: “ќе ги поддржиме израелските напори да ги прошират своите граници според библиските основи“
– Поранешната гувернерка Мишел Бахман: “постои само еден критериум според кој се оценуваат нациите – според нивниот однос кон Сион“
– Сенатор Тед Круз: библиски ни е наредено да го поддржиме Израел и речено ни е дека оние кои ќе го благословат Израел, ќе бидат благословени“
– Министерот за војна Пит Хегсет: “не постои причина чудото за повторна изградба на Храм на Ридот на храмот да биде невозможно. Во контекст на поддршката што ја имате во Вашингтон, меѓу патриотските американци, меѓу евангелистите… Преземете акција, Америка ќе ви го штити грбот“
Во својата книга “Нашата јудео-христијанска света војна“, критикувајќи ја војната, Малкј Дејвис пишува дека “оваа “света војна“ ја водат еретици – христијани и Евреи, кои своите древни доктрини ги замениле со насилната геополитичка идеологија“, дека “традиционалните христијани и Евреи мора да продолжат да се спротивставуваат на американско-израелската надворешна политика заради доброто на човештвото“, бидејќи тие “западната цивилизација ја нарекуваат јудео-христијанска цивилизација“.
На крајот, за да го разбереме сето ова, треба да знаеме дека после 1949 година и формирањето на модерната држава Израел, огромен дел од американските протестанти почнале да веруваат дека Христијаните имаат верска должност да ја штитат државата Израел. Од тука започнува развојот на христијанскиот ционизам, кој во моментов е третиот аспект од војната во Иран.
Од друга страна, со “Балфоровата декларација“, која тогашниот британски министер за надворешни работи, лорд Артур Балфор, во 1917 година, му ја испратил на лордот Лајонел Волтер Ротшилд, лидер на Ционистичката федерација на Велика Британија и Ирска, дал поддршка за основање “национално огниште за еврејскиот народ во Палестина“, се официјализираат врските на британската влада со светскиот ционизам. Оној ционизам кој во 1975 година со Резолуција на ООН, се поврзува со расизам.
Затоа, покрај современите геополитички и енергетски елементи, не смееме да ги игнорираме и верските елементи во војната која САД и Израел, во име на христијанскиот ционизам, ја поведоа против исламската теократија во Иран.
Нешто што, за жал, во својата уништувачка логика, наликува на крвавите Крстоносни војни.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК