Колумни

Метеорот и политичките диносауруси во Македонија

Аирлија метеорот, да се множат ефектите му…

Метеорот и политичките диносауруси во Македонија

Македонска винарија ќе го купува грчко „Цантали“, истовремено кога велешани редат и местат претседатели по светот. Тоа е тоа. Палиме и гасиме, нема шега со нас…

Да, Венецуела ја оживеа урбаната легенда за македонските хакери кои „како чорапи“ ги менуваат светските лидери. Та, ако можевме тоа да го сториме со Белата куќа во Вашингтон, чуму Каракас би бил изненадување?! Очебијно, оние неранимајковците од Велес се разбудиле наапани и повторно решиле да ја сменат светската политичка карта. Нема трте-мрте. Ова е саде генерална проба за американските избори на есен. Ок, малу посеверно, ама вежба е вежба, а  повторувањето да ти било мајка на знаењето. Туку, шегата на страна и налет Венецуела и САД, ви текнува ли на македонските парламентарни избори во 2020-та, последни без машинчињата за отпечатоци, кога ВМРО водеше до „падот“ на системот, а резултатите наеднаш драстично се сменија? Се сеќавате ли на тоа  тотално нелогично изборно изјаснување кое имаше за цел да ја зацементира одбиената на Референдум „северна“, за чија насилна верификација з’гнаа пратеници со уцени и закани, та сега „пошто била факт“ ни ја трлаат на нос? Ама, неееее, тогаш се си беше легално. А, тогаш, е тогаш не беа велешаните…

Ова сето се случува кога Македонија е в пламен. И буквално и фигуративно. Првото пламеносување во кое горат куќи и кории, стихија која од една страна е така грда и стихијна, од друга, пак, премногу симптоматична. Да не прејудицираме, но сепак, сакале да признаеме или не, тајмингот е пресомнителен, пожарите премногу, а случајноста се дефинира како моментот кога на сцената не ги гледате рацете на оној кој ги придвижува марионетите. Да, имате неизбежно, чудно и поразително чувство дека несреќата во најсиромашниот и најмакедонскиот дел на државата е небаре разбудена и предизвикана од потребата за превентива на напливот на вториот, оној оптимистичкиот, фигуративен пламен кој периодов ја зафати душата на Македонецот. А тоа, е тоа некому воопшто не му одговара. Дај Боже да грешиме, но повеќе пожари досега се докажани како намерно подметнати, а за многу други има силни индиции за истото…

Она, кога по години и години ничкосување на македоштината пропратено со владеењето на насадената,  ултра-неспособна и октроирана власт на Заевци и Тачевци, полека, но сигурно гледаме дека можело и понаку да се битисува. Со гордост, достоинство, без опортунистичко коленичарење и целивање нозе на Грци, Бугари и останати комшии. Време кога ќе им кажете НЕ на амбасадори за судски реформи, кога ќе отфрлите француско-бугарска преговарачка рамка и ќе кажете дека државата ќе вложи пари за Македонците од Егејска Македонија. Можело, нели?

Истовремено, цо опозицискиот табор Филипче му правеше „иље“ на Артан Нежни со возење „комшиски“ џип од 250.000 евра, за разлика од „бедното“ комшиско Ауди на Груби од саде 80.000 евриња, а Арбен се правеше поголем Скендербег од Ахмети. Да, ВЛЕН-одговор на ДУИ-инвентивноста во која Алија почна со формална федерализација на Македонија, па Таравари мораше соодветно и „промуќурно“ да одговори. Со што? Па, со албанска МАНУ се разбира. Кој знае како ќе се вика? АМАН било во шема  (Албанско-македонска академија на науките), уметностите и онака не е важна, нели…

Името АМАН, реално, би било многу таман. Навистина. Аман веќе од инфантилните мерења на „онаквите“ со глупоштите од типот мене ми е поголем. Национализмот. Се разбира.

Најинтересно од се’ е што сето ова минува така мирно и без никаков потрес. Никому, реално, не му ни чуе за федерализациско-академичкиот  натпревар меѓу Али и Арбен. Сите, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи и Бошњаци се насочени кон нешто, за промена, повторно видливо. Нешто што по долга пауза повторно се појави на радарот. Не НЛО, се вика подобра иднина. Достижна и реална, со макотрпна работа и идеи, не преку потпушување, продавање идентитетски одредници, сервилност и самооткажување.

За саде еден месец сите сфатија дека седум години не бадијала сме тапкале во место. Не бадијала, при минување кај која била кооперација ќе чуете „Ауууу, ви текнуе кој се ни водеше држава, оние дудуците Заев, Таче, Артан, Османи, Путерот, Обиџуко, Цаци ли, аууууу, што се’ не претрпеа овој народ и оваа тло!“ А, не водеа, за жал. Во амбис.

Затоа, нека не ве изненадува недефинираниот, „телеќи“ поглед на политикантските параспури и дилетанти од СДС и ДУИ, кои фатени со рачињата во медот, сега и со докази кои испливуваат ко печурки по дожд, наликуваат на дионосаурусите кои, најверојатно, со истиот тој збунет поглед  го следеле меторот кој наближувал кон земјата, инстиктивно знејќи, макар и со толкацки мозочиња, дека им доаѓа крајот. Ви текнува на некого? Класичен финиш на едно насилничко владеење. Диносауруси ли, политиканти, дрндупки ли… Македонскиот метеор „падна“ на 8-ми мај, лето Господово 2024-то.

Последиците од неговиот удар/импакт се’ уште траат. И ќе траат. Ако не верувате, прашајте ги Дрин, Бектеши, Наќе, Катица, Мемети, а другите, цела армија велат, да ти биле на готовс. Оти, за разлика од диносаурусите, арамиите можеле и да избегаат. Та мателе вода и дефокусирале со демек редефинирање држава, де со покајнички признанија за глупоста на Кривичниот законик, па немале ни џипови, ниту хациенди, та кенкале кај меѓународна…

Аирлија метеорот, да се множат ефектите му…

To top