Интересно е она што се случува изминатите неколку години, околу тоа, кои и како ја промовира Македонија во светот.
Имено, добрата понуда, честите летови и добрите конекции, но и нашето природно гостопримство и целиот природен, културен и човечки потенцијал кој го имаме, донесе на кратко и на подолго еден куп луѓе кои заради приватни, професионални или пак строго туристички приказни дојдоа тука, и не престануваат да ја промовираат Македонија на социјалните мрежи.
Дефинитивно најголемите амбасадори се ВардарАнди од Колумбија и Венецуела, кои со своите јавни настапи, и со промовирањето на родољубна и патриотска содржина се апсолутно врв на социјалните мрежи и главни амбасадори на македонската култура, јазик и музика.
Како блогер, тука е Травел оф Мози, Мухамед од Сомалија, кој како програмер номад во неколку наврати доаѓа и заминува од Македонија, прави интересна содржина на англиски, го ко користи и промовира и македонскиот јазик и придонесува за видливоста глобално на Македонија.
Оперскиот пејач од Токио (Јапонија) Касухиро Котецу, е еден од моите херои. Вистинскио боем, љубител на македонската музика, а особен на големиот Јонче Христовски, кој активно ја пее и промовира македонската музика и култура, но и виното, и се што е македонското. Тој гради одлични мостови меѓу Македонија и Јапонија, и не промовира во континуитет.
Ова е само мал дел од многуте ликови кои можете да ги сретнете на социјалните мрежи, пред се на тик ток и на инстаграм, како и на фејсбук. Истите дури и посветено и фанатично го бранат името Македонија, и севкупната македонска култура, за разлика од многумина кои се од тука и плукаат по се што е наше, македонско. Затоа и често велам дека не ни требаат непријатели и душмани, си ги имаме по дома.
Благодарение на евтините летови, одличната конекција на Македонија со цела Европа и дел од Блискиот исток, станавме достапни а огромен број добро намерници, кои за разлика од порано доаѓаат во текот на целата година, па слободно можеме да кажеме дека Скопје и Охрид работат со полна пареа, а прашање е на време кога ќе успееме да ги форсираме како дестинации и Струга, Преспа, Битола, Крушево, Попова Шапка, Маврово, Велес па и остатокот од земјата, затоа што секое место има своја приказна, специфика, карактеристика, засебна храна, убавина, историја.
Токму затоа музеите ќе мора да го следат темпото на државата, и да работат во својство на туристите и севкупната промоција на државата. Да ги има на секој чекор, да се рекламираат и промовираат, буквално на странците да им „излегуваат од фрижидер“. Мора да работиме на маркетингот, промоцијата, достапноста, но и продуктите кои ги нудиме, и одлично претставување на поставките и колекциите.
Тоа што се реконструира и прошири Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле, што интензивно се вложува и во автопатите и железницата е само потврда да гости и посетители ќе има, наше е да се претставиме најдобро што можеме, странците да ги угостиме и за истото добро да наплатиме.
Мора севкупно да поработиме на хигиената, на редот и почитување на јавниот простор, и да сфатат многумина дека со фрлање ѓубре и паркирање по јавни површини и тротоари само покажуваат дека едноставно немаат ниво и дека не враќаат како нација чекор назад. Никаде во светот локалците не одат со коли во строг центар и не очекуваат дека таму има гратис паркинг. Или чини многу, или го нема!
Убеден сум и верувам дека културниот туризам е токму со кое можеме да постигнеме многу, но и со природните убавини и гастрономијата. Не може секое второ место во државава основна понуда да ни биде или пица или некаква скара. Мора да ја шириме, но и стандардизираме понудата, да понудиме квалитет пред се’, и рекламата сама ќе дојде од задоволните посетители.
И пак ќе се навратам на она дека во денешно време, чим имате превоз и сообраќајни конекции, доволно е да се претставите добро да понудите храна, музика, насмевка и секако првокласни музеи како визуелен приказ за историско/етнолошко/археолошкиот наратив и секој посетител сам преку социјалните мрежи ќе ви возврати со гратис реклама која ќе донесе нови и нови посетители.
Гордост ми е што и самите Македонци се охрабруваат да креираат содржини на македонски, српски, бугарски, англиски, германски и да си ја промовираат Македонија. Научете да го вадите најдобро од нас самите, за лошото знаеме дека можеме.
Секој од нас да покаже дека може и знае како да ја сака Македонија. Да не дозволиме ретроградните сили да не влечат назад. Македонија е се што имаме.