Во вториот дел сме на кампањата за Локалните избори 2025, осми плурални и непосредни избори, на кои македонските гласач ќе можат да ги одберат градоначалниците и советниците кои директно се одговорни за нивното секојдневие во средините во кои живеат.
За почеток, една интересна констатација. Имаме повеќе лица во избирачкиот список, отколку реални резидентни жители. Тоа значи дека имаме неколку стотини илјади возрасни граѓани кои живеат некаде низ светот, имаат локална адреса на живеење, а доколку дојдат тука на денот на гласање, ќе може и да влијаат врз локалните политики и нивни претставници. Навидум океј и законски, но мене ми е малку без врска да гласа некој локално, а живее во странство. И сами сме сведоци дека во некои рурални општини или помали градови имало состојби каде градоначалник бил избран и со неколку гласа разлика.
Иако многумина мислеа дека со олабавувањето на законските обрски за собирање потписи за независни листи и кандидати ќе има огромен број на независни листи, тоа многу повеќе се случи во малите градчиња и рурални општини, за разлика од поголемите градски центри. Во најголемиот дел има три до пет кандидати, а воглавно еден или двајца се изразени фаворити, додека за останатите се очекува да играат епизодна улога.
Многу поголема битка ќе се води на советничките листи, и токму таму и очекувам шареноликост во изборот, што од друга страна ја мотивираше владејачката ВМРО ДПМНЕ да излезе со 95% нови лица на добитините позиции, не оние стандардни ликови од локалните структури, туку со кадри кои локалната заедница ги препознава, и од кои се очекува да бидат коректив, но и додадена вредност на градоначалниците. Според мене, и добро е да има различни опции и структури во советите, но истите да работат во интерес на општината и граѓаните, а не да тераа лични и партиски агенди.
Најинтересната битка ќе се води во пред се мешаните и средините воглавно населени со етнички албанци. Мислам пред се на Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, каде што пак во голема мерка и ќе одлучуваат гласовите на етничките македонци, но и другите заедници.
Во Кичево и покрај битката помеќу кандидатите на ДУИ и неговата коалиција, и ВЛЕН, верувам дека победата ќе ја однесе кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, докторот Јовановски. Секако за тоа би биле одлучувачки гласовите на ВЛЕН, но не мора да се пресудни, се додека не излезат да гласаат за кандидатот на ДУИ.
Сметам дека во поголемите центри барем кога се градоначалниците во прашање нештата се повеќе од извесни и дека работата ќе биде завршена уште во првиот круг како во Гази Баба, Бутел, Охрид, Велес, Штип, Кавадарци, Илинден, но и Град Скопје, каде за очекување е сигурна победа уште во првиот круг.
За разлика од изборите во 2021, ВМРО ДПМНЕ ќе го зголеми бројот на градоначалници кои го имаа до сега. СДСМ се очекува да потоне уште пониско од 2021 и со бројот на градоначалници, но и советници, земајќи ја во предвид и поголемата конкуренција на листи, посебно во опозицискиот и левичарски блок. Битката помеѓу партиите и коалициите на етничките албанци ВЛЕН и АКИ многу по видлива ќе биде на советничките листи, отколку кај битката за градоначалници, затоа што таму ќе одлучуваат и други фактори, како и дополнителните поддршки и коалицирање. ЗНАМ доколку успее да извојува победа во Куманиво и Центар ќе биде полн погодок за нив како политички субјект, иако сметам дека ќе имаат раст во бројот на советници во споредба со 2021 година. Левица е можно да имаат зголемен број на советници во споредба со 2021, но не верувам дека би имале избран градоначалник некаде.
Интересно е да се види како ќе пројдат независните листи, кои во одредени општини имаат сериозно влијание. Моја проценка е дека независните листи, како вкупна маса на гласови, ќе повлечат меќу 50.000 и 100.000 гласови, и дека во некои општини би можеле да бидат и одлучувачки фактор при креирањето на мнозинство, или дури да ја добијат позицијата Претседавач на Советот.
Ако ја тргенеме на страна секојдневната битка на самите партии, нивните лидери и претставниците на централната власт, самата локална кампања е прилично релаксирана. Моја забелешка е што многу од кандидатите се ослонуваат на кампања на социјалните мрежи, или строго со своите сопартијци и соработници, а многу помалку со директни разговори, пред маркети, пазари и врата на врата. Тие кои го прават ова ќе имаат многу поголем успех. Митинзите, рекламите на фејсбук и само ставање на пропаганден материјал пред врата или сандаче, немаат ефект.
Понудата не смее да е желботека и утописка и неразумна, туку конкретна, практична, функционална, со реални рокови и на општо добро. Само така ќе ни се подобри квалитетот на живеење во сите населени места.
Александар Ристевски