Колумни

КУЛА ОД КАРТИ: КОЈ И ЗОШТО СЕ ПЛАШЕШЕ ДА ПОБАРА ПИa-МЕРКИ ПРОТИВ СУДИЈА??

Од денешниот брифинг на ОЈО ГОКК произлегува дека истрагата за сомнение за барање поткуп од апелационен судија започнала пред осум до девет месеци и била заснована на повеќе различни, меѓусебно неповрзани наводи, пријави, информации и сознанија. Обвинителството признава дека постоеле индиции, но дека немало докази.

КУЛА ОД КАРТИ: КОЈ И ЗОШТО СЕ ПЛАШЕШЕ ДА ПОБАРА ПИa-МЕРКИ ПРОТИВ СУДИЈА??

Од денешниот брифинг на ОЈО ГОКК произлегува дека истрагата за сомнение за барање поткуп од апелационен судија започнала пред осум до девет месеци и била заснована на повеќе различни, меѓусебно неповрзани наводи, пријави, информации и сознанија. Обвинителството признава дека постоеле индиции, но дека немало докази.

Токму тука започнува суштинскиот проблем.

Доколку осум до девет месеци постоеле повеќекратни наводи за сериозно коруптивно кривично дело, логично и оправдано се поставува прашањето: зошто во ниту еден момент не биле побарани посебни истражни мерки (ПИ)?. Наместо тоа, ОЈО ГОКК донело свесна стратешка одлука истрагата да ја води преку финансиска истрага и сведоци, пристап што е легитимен, но објективно побавен и значително поризичен, особено кога станува збор за трговија со влијание од страна на носител на судска функција.

Фактот дека истрагата сепак довела до пронаоѓање на 350.000 евра скриени во ѕид, без употреба на ПИМ-мерки, дополнително го засилува клучното прашање: ако ваков резултат можело да се обезбеди без нив, зошто во текот на тие 8–9 месеци барем паралелно не биле побарани ПИ-мерки за зацврстување на доказите? Денес имаме само финансиски доказ (парите во ѕид) и индиректни сведоштва, што го прави предметот потенцијално послаб на суд, бидејќи недостасува „континуиран“ доказен ланец што го поврзува судијата со барањето поткуп.

Мислам дека тука обвинителството нема лесен ниту убедлив одговор.

Правно, можно е во раните фази да не бил исполнет т.н. „критичен праг“ за ПИ-мерки како на пример конкретно лице, конкретно кривично дело и аргумент дека доказите не можат да се обезбедат на друг начин. Кај трговијата со влијание тоа навистина е тешко, бидејќи се работи за посредување, индиректна комуникација и внимателно формулирани разговори.

Но институционално, проблемот е подлабок. Барањето ПИМ-мерки оди преку суд, а кога осомничениот е судија, ризикот од протекување информации е реален. Апсурдот е очигледен: за да следиш судија, мораш судија да ти одобри мерки. Дополнително, доколку ПИ-мерките бидат оценети како неосновани, сите прибрани докази паѓаат, а предметот може трајно да се компромитира. Сето тоа создава систем кој ги демотивира обвинителите да ги користат алатките што формално им стојат на располагање.

Од изјавите на ОЈО ГОКК произлегува дека ПИ-мерките биле свесно прескокнати, а истрагата водена по „побезбеден“, но потенцијално послаб доказен пат. Тоа е избор за кој Обвинителството ќе мора да понесе целосна институционална одговорност.

Затоа што, ако овој предмет падне поради недостиг од директни комуникациски докази, прашањето за непобарувањето ПИ-мерки нема да биде техничка забелешка, туку централно обвинение против самото Обвинителство.

Во јавноста, ваквиот пристап неминовно остава впечаток на калкулација или страв, не нужно од поединец, туку од можната мрежа на влијание во судството и обвинителството. А кога постои таков впечаток, проблемот повеќе не е индивидуален, туку системски.

Во такви околности, целиот случај (па дури и целиот правосуден систем) без разлика на тежината на наодите ризикува да се сруши, како кула од карти.

Пишува: Проф. д-р ЈОВЕ Кекеновски

To top