Во својата последна колумна, новинарката Соња Крамарска се обидува да даде политичка анализа на тековната изборна кампања, но наместо аргументирана опсервација, текстот добива јасен тон на суптилен политички напад кон ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Под превезот на наводна неутралност, колумната користи емотивен, метафоричен и еднострано насочен јазик кој повеќе наликува на политичка пропаганда отколку на новинарска анализа.
Уште во првите реченици ВМРО-ДПМНЕ е опишана како „ламја што фрла оган“ и „слон во стаклена соба“. Тоа не е опис заснован на факти, туку на емоции, со што се создава впечаток дека партијата делува неразумно и деструктивно. Ваквиот јазик не информира туку етикетира. Ако целта е да се понуди анализа на политичката комуникација, тогаш аргументите треба да се потпрат на примери, податоци и контекст, а не на метафори што поттикнуваат одбивност.
Крамарска признава дека и СДСМ „не заостанува“ во нападите, но веднаш додава дека тоа е затоа што мора да се брани. Така се создава впечаток на „добар“ и „лош“ актер, што ја поткопува објективноста. Во демократска дебата и власта и опозицијата имаат еднаква одговорност за јазикот што го користат. Кога критиката се насочува само кон една страна, се губи рамнотежата и анализата се претвора во став.
Во текстот се наведува дека власта треба да биде „смирувач на тензии“. Во принцип тоа е точно, но не значи дека во изборна кампања треба да молчи или да се воздржи од политички пораки. Изборите се момент на натпревар на идеи и концепти. Владата на ВМРО-ДПМНЕ дојде по долги години на власт на СДСМ, со систем што сѐ уште е исполнет со структури блиски до претходната гарнитура. Затоа е нормално реториката да биде поостра и тоа е дел од демократската динамика, а не доказ за „хистерија“.
Авторката тврди дека ВМРО-ДПМНЕ „втерува страв кај граѓаните“ дека ќе следи катастрофа ако не победи нивниот кандидат. Но тоа е нејзино толкување на политичката порака. Секоја партија, кога бара доверба, предупредува на последици ако нејзините политики не продолжат. Тоа е суштината на изборната дебата, не втерување страв, туку рационално убедување на гласачите.
Во завршницата, Крамарска пишува дека ВМРО-ДПМНЕ „се однесува како опозиција пред последната шанса за политички опстанок“, но истовремено признава дека партијата има „суверено владеење и јасна предност“. Ова е логички парадокс кој го открива вистинскиот мотив на текстот создавање на сомнеж и недоверба, не аналитичка оценка.
Наместо да поттикне култура на дијалог, колумната дополнително го поларизира општеството. Преку селективна критика, метафори и недокажани претпоставки, таа ја гради наративата на „опасна власт“ и „жртвена опозиција“. Таквиот пристап не ја збогатува јавната дебата, туку ја осиромашува.
На крај сакам јавно да укажам дека вистинската новинарска анализа треба да биде рамнотежа меѓу факти и мислење, а не маска за политичка симпатија. Кога авторот заборава на таа граница, новинарството се претвора во алатка за манипулација, а јавноста во жртва на туѓи политички чувства. Во конкретниот случај, Соња Крамарска не го користи својот авторитет за да внесе мир и рационалност во јавната дебата, туку за да ја насочи во еден правец против ВМРО-ДПМНЕ. Таа има право на личен став, но тој мора јасно да се одвои од професионалната анализа. Кога колумнистот зборува со страст, тоа е легитимно; но кога ја користи таа страст за да ги дискредитира оние што не ѝ се допаѓаат политички, тогаш тоа веќе не е новинарство, туку пропаганда.
Јавноста очекува од новинарите да бидат чувари на вистината, не наративни изведувачи на нечии политички интереси. Колку и да се трудат ваквите колумни да звучат интелектуално, пристрасноста секогаш излегува на површина. И токму затоа, денес не е време да се молчи, туку да се повика на поголема одговорност од оние кои ја обликуваат јавната мисла.
08.092025 Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ