Во 2021 и 2022 година, кога Македонија се соочи со најтешката енергетска криза во поновата историја, јагленот во Битола и Осломеј чадеше за да обезбеди струја, а милиони евра истекуваа преку тендери, посредници и фирми блиски до тогашната владејачката елита. Граѓаните, веќе исцрпени од пандемијата и растечките цени, плаќаа рекордно високи сметки за електрична енергија, додека голем дел од тие пари завршуваа на приватни сметки во Бугарија, Грција и кај домашни компании оформени „набрзина“.
Она што требаше да биде одговор на енергетската криза, се претвори во уште една лекција за тоа како владејачката власт може да ја претвори несреќата на граѓаните во профит за малкумина, во профит за најблиските. Наместо план за стабилност и сигурност, видовме рецепти за „кризни милионери“.
Истражување на Истражувачка репортерска лабораторија (IRL) покажа дека државната компанија ЕСМ потрошила над 283 милиони евра за набавка на јаглен. Мрежата фирми што ги добивала договорите вклучувала компании регистрирани токму во моментот кога владата барала снабдувачи. Од целиот профит, според ИРЛ, најмалку девет (9) милиони евра завршиле во бугарска фирма во сопственост на братот на поранешен премиер.
Тогашната извршна тврдеше дека итноста на постапките била неопходна за обезбедување на енергија. Но фактите на ИРЛ покажуваат дека зад „итните решенија“ стоеле посредници без реална улога, кои само ја зголемувале цената. Граѓаните плаќале повисоки сметки не за да имаат сигурност, туку за да се дебелеат приватните бизниси на партиските блиски луѓе и роднини.
Како да се гради доверба кога секоја криза завршува со нови сомнителни договори и лични профити? Како да се верува дека власта мисли на граѓаните, кога сите факти упатуваат на спротивното?
Енергетската сигурност е невозможна без доверба. А доверба нема без одговорност. Обвинителството, финансиската полиција и судството мора да покажат дека законот важи за сите, вклучително и за оние на врвот на власта. Ако оваа приказна заврши само со неколку наслови во медиуми, пораката до јавноста ќе биде јасна: правдата е немоќна пред политичката моќ и политичките злоупотреби.
Поранешната власт го гореше јагленот за светлина, но истовремено го втурна правото и правдата во темнина. Затоа сегашната власт мора да ги изведе пред лицето на правдата сите профитери, како и сите оние политичари и високи функционери кои помогнале да се ограби државата и незаконски да се стекнат со огромен профит блиски, роднини и пријатели. Доколку се докаже арамилакот, потребно е украденото со енормно високи камати да им биде вратено на граѓаните/државата. На сите до еден мора да им се каже и да знаат дека државата не е „крава молзница“ и дека законот важи за сите. Без казна и без вистинска истрага и одговорност, секоја криза ќе остане ново поле за личен профит, а довербата на граѓаните ќе биде трајно разнишана. Вака, како што стојат работите, секоја следна криза може повторно да стане поле за профитерство, а сите ние останатите ќе бидеме се посиромашни, понемоќни и побезнадежни.
26.09.2025 Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ