Колумни

Коалициски капацитет очигледно се има, добиваме Влада со силен легитимитет

Идната власт е последната надеж за народот. Џабе уште сега скока и рипа власта во заминување. Тие се политички мртви, само уште никој не им кажал. Ќе сфатат, кај и да е!

Коалициски капацитет очигледно се има, добиваме Влада со силен легитимитет

Навистина, од денешна гледна точка е смешно да се зборува за она што власта во заминување го зборуваше, дек ВМРО ДПМНЕ нема коалициски капацитет.

Како беше она? Ќе победат, ќе имаат повеќе пратеници од СДСМ, ама нема да можат да состават Влада, ниту да се доближат до 61! Не само 61, туку 80 драги мои! И просто мнозинство, и апсолутно мнозинство, и „бадинтерово“ мнозинство, се‘ се доби на крајот! Сега што правиме!?

СДСМ е во целосен нокдаун, и бара начин како да се прегрупира и консолидира, иако за многу нешта е предоцна. Неговите коалициски партнери, тивко го напуштаат бродот кој тоне. Дел избегаа пред избори, другите сигурен сум наскоро.

Слична е состојбата со ДУИ. Дури и името под кое настапија не беше ДУИ, име и симбол кои секогаш беа во преден план. Собраа дури 9 партии на купче, со различен етнички состав, а денес зборуваат за легитимитет строго во албанскиот етнички кампус. Убеден сум дека во периодов кој следи дека добар дел од пратениците во оваа коалиција ќе тргнат по други патишта и ќе се обидат да се дистанцираат од самата ДУИ и дел од нејзиното раководство, за кое очекувам во следниов период да има доста пикантерии.

Левица има пристојна граѓанска поддршка, најголемиот проблем на истата е што влегува во војна со сите, а потоа прави непринципиелни коалиции. Локалната власт е најголема потврда за истото. Само поради почит кон бранењето на некаква македонска кауза ќе се обидам да останам пристоен кон нив, иако реториката и нападите кои ги тераат кон секој оној кој ги критикува се од секакво ниво. Да, ќе добијат поддршка и лајкови од обичен народ, но од тие глас ќе им даде секој трет. Сега имаат пратеничка група, над пет пратеници се. Да видиме дали ќе бидат добар коректив на власта, или нечиј приврзок или спотер. Времето ќе покаже.

Владата ќе се менува. Реорганизацијата на одредени министерство е добра, да видиме само колку долго време ќе и треба да се вклопи и уигра. Секако, битни се и кадровските решенија, да не речам пресудни. Не само на министрите, многу повеќе на директорите, советниците, како и стручните лица кои ќе треба да се ангажираат. Дали ќе бидат менаџери и технократи професионалци, или пак партиски послушници, клиентелисти и лица со лични агенди.

Потребни се сериозни ревизии, преструктуирање, ребаланси и да почне да се работи сериозно и одговорно. МВР, Правда и обвинителството, како и државната ревизија ќе имаат доста работа. Во нивни раце е тоа дали народот ќе поверува дека вреди да се живее во Македонија, или како и многумина да се спакува и замина по белиот свет.

Идната власт е последната надеж за народот. Џабе уште сега скока и рипа власта во заминување. Тие се политички мртви, само уште никој не им кажал. Ќе сфатат, кај и да е!

Александар Ристевски

To top