Веќе седма година активно со своите колумни ги артикулирам своите ставови и идеи на платформата на Курир. Најсреќен сум што во изминатите неколку месеци гледам како проектите и темите кои ги отворав, иницирав и разработував, давајќи некои свои идеи, размисливања и смерници, денес во голема мерка почнуваат да се реализираат.
Стратешкото партнерство помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, и можноста за повлекување на 6 милијарди евра, е нешто што би можело огромен дел од нештата да ги направи остварливи. За сега, колку што знам, начелно се безицирани околу 35% од сумата за конкретни проекти, а до нас како држава е дали ќе знаеме и колку ќе успееме и остатокот од средствата да ги ставиме во функција.
Брзата железница и двонасочниот коловоз по целата траса на коридорот 10 ќе не направи конкурентни и со можност повеќе да пренесе и стоки и лица, и од тоа да наплатиме. Одлично е тоа што ќе се исправи трасата на најголем дел од коридорот, иако, според мене, умно е да се размислува истата да се крене малку повисоко, барем на делот од Катланово до Велес, поради можноста за идна реализација на проектот Вардарска долина и каскадните брани кои се планирани.
Плус да се остави можност дали кај Градско или кај Неготино клучка која ќе ги спојува и поврзува источниот и западниот дел од Македонија. Можноста за ревитализација на пругата кон Демир Хисар (Сопотница) и истата да се поврзе со Кичево. Секако и крак кон Струмица. Тоа би било одлично, доколку сега кога на големо ќе се проектира, и ова да се предвиди.
Скопското метро, градската железница, е нешто за кое многу пати пишував, и мислам дека дадов доста интересни идеи, и пресреќен сум што министер Николоски, и директорот Ивановски, потврдија дека во голема мерка тоа го промовирав како идеја, актуелната структура го планира. Се надевам дека потенцијалот на самата Скопска Железничка, нејзините 9 перони ќе работат турбо во иднина и баш цел тој комплекс ќе биде реален Транспортен центар.
И не е битно само да се стигне до центарот на Скопје од периферијата или брзо да се помине низ истата, туку и поврзување на пример на Драчево, Трубарево во Гази баба, со Илинден и од таму директно на Аеродром Петровец, или од Ѓорче, преку Злокуќани, Визбегово и Скопје Север, со некоја нова траса, исто кон Аеродромот. Перспективно истата мрежа да се шири и кон Радишани, крак и кон Стајковци, а сите оние премини, каде до сега се сечат со возила, да одат или под или над земја за да нема застој. Пругата која ја има до крај на општина Гази баба може да се продолжи и до Петровец, Ржаничино, а зошто не и до Катланово, перспективно, како што за во другиот дел од Скопје пишував дека може да оди и до Радуша. Да се предвидат и станици измеѓу, а за почеток може да се адаптираат и стари локомотиви и вагони, таман државата ќе најде начин да еден куп луѓе повторно чесно си го заработат лебот.
Мило ми е што државата има желба да проектите кои претходната власт сакаше да ги даде бакшиш на Грците, решени сме да ги правиме самите.
Премиерот Мицкоски зборуваше во Собранието и за Чебрен и Галиште. Дали како една или како две или три брани, како претходница на Тиквеш со Црна, ќе го заживее Мариово, ќе иницира инвестиции, патна инфраструктура, туристичка, ќе имаме базична електрична енергија, но и зајакнат хидро потенцијал. Треба да се направи во брз период целосна анализа и тоа да се тера. Дека дојде и странска искусна оператива, но и да успееме да го ангажира целиот расположлив потенцијал во градежништвото и енергетиката, затоа што градежниците пред се „хидрашите“ и немаа многу работа изминатите години, а не блескаа ни оние во „ниско градба“. Ќе треба време и пари, и вложување во млади кадри и технологија за да се вратат старите времиња кога македонската оператива фаќаше тендери и работеше во странство.
Се надевам дека и ТЕЦ Неготино ќе се гасифицира, но и дека топловодот од РЕК ќе за загрее Пелагонија во зимските месеци. Истиот пак ќе може да се користи и за оранжерии и рано градинарски култури, па нема да зеленчук да плаќаме нездрави цени.
Мора да работиме сите многу повеќе, да иницираме проекти за општ раст на институциите и севкупно државата, ако сакаме да имаме развиена земја и среќен народ. Премногу се сите опседнати со грабање и личен интерес, удопства и привилегии, а кога ќе прашате кој што сработил, предложил или иницирал, штама! Не оди така бе дечки. Не оди!
Искрено, се надевам дека онаа критичка и интелектуална јавност ќе се разбуди, и место да филозофира како не треба, ќе каже како треба! Ќе даде предлози и идеи, ќе дополни, прошири, надгради, и ќе види од тоа ќар и целата нација. Мислам дека дури тогаш нема да се занимаваме со партиска припадност, етничка делба, верски префрлања, и други форми на фрустрации.
Доколку се почне со реализација на сево ова, плус она кое веќе на терен се работи, реално до 2030 ќе зборуваме за една друга Македонија, функционална и брзо растечка. Затоа што без 7-10% годишен раст, ние само ќе каскаме зад Европа, и останеме ма маргините. Реализацијата на сите овие проекти, може да биде добра основа, а дали ќе успееме зависи од секој еден.
Александар Ристевски