Долги години, од кога знам за себе сите паметуваат што и како треба за да се зголеми и подобри туризмот. Сите знаат се, сите нивни идеи беа пробани, и пак беше се исто. Три месеци туризам, во главно на охридското крајбрежје, нешто ситно Преспа, Дојран, Крушево, и тоа е тоа. Ударна сезона од 15 јули до 15 август, 85% домашни туристи, 15% странци, најголем дел од Србија, и тоа е тоа.
Мерките на Министерството за транспорт и ресорниот министер и вицепремиер Николоски, за нови 16 линии кон Скопје и Охрид, и давање попусти и субвенции за доаѓање на гости, очигледно носат успех. Искрено се надевам дека во годините кои престојат Охридскиот и Скопскиот аеродром ќе растат и ќе се развиваат, но дека ќе добиеме барем уште два алтернативни, еден во Пелагонија за делот Прилеп Битола (можеби актуелниот спортски во Логоварди) и уште еден на истокот (Штип или Струмица), Кои заедно со проектот за брза пруга, и поврзување на одредени кракови од железницата и нејзината обнова, како и градењето на автопати и експресни патишта, ќе ја направат Македонија атрактивна дестинација.
Следно нешто на кое мора да се работи е проточноста на сообраќајот низ градовите и туристичките места, бројни катни гаражи, сообраќаен режим и пристапност, детална и видлива сообраќајна сигнализација, патокази и смерници кон локалитети и туристички места и центри.
Очигледно некои работи кои се зборувале низ годините, а и укажувања од многумина (ќе се ставам и себеси како еден од тие), очигледно еве даваат плод кога ќе се применат. За промена почна да доминира и главниот град. Колку сака некој да плука и потценува, промената на ликот на центарот има ефект. Жално е што сето тоа остана недовршено, што лошо се одржува и што хигиената е катастрофална. Ова оди на грб и на општина Центар и Град Скопје. Срамота!
Туристичките водичи и самиот закон и регулатива се исклучително битно. Место еден куп млади деца да бараат столче во канцеларија, нека извадат лиценци, знаат јазици, и нека ги преплават улиците на Скопје и цела држава. Нигде во свет странци не водат тури во туѓа држава и шират пропаганда среде Македонија, ама и домашните не може да трескаат глупости и пласираат своеволно свои вистини и политички пропаганди пред туристи. Тука мора во скоро време да има контрола и ред, како секаде во светот.
Музеите и културните установи мора да се осовременат, унапредат, подобрат и адаптираат за туризам. Сега се во лагодна и комотна позиција, се им е платено од државата, плати, проекти, одржување, ама нешто мора да се менува. Сегде во свет културата и музеите се и бизнис, пред се кон странците кои се гладни за автентични приказни.
Мило ми е што заживеа Македонското етно село. Скопје треба да ги развива сите делови од Скопје, и Треска и Матка, и Пеленица,и Таор, и Скопска Црна Гора, и Дељадровце, и јужниот дел на Водно, Милениумскиот крст, Калето, Парк шума Гази Баба и секаде да гарантира безбедност и хигиена. Да има функционален превоз, а и да се погрижи да нема диви таксисти и луѓе кои наплаќаат на странци на ѓутуре. Да се справи со групите на шибицари и улични измамници.
Мора да покажеме идеја и план што и кого развиваме. За сега редоследот и интересот е следниот, Скопје, по Охрид и Битола. Тоа значи дека автоматски тука може бенефит да имаат и Струга, и Преспа, и Демир Хисар, и Прилеп, и Крушево. Сите попатни места од српската, до грчката граница, покрај автопатот. Истокот сметам дека може да добие многу со развојот на преку гранична соработка со Бугарија, доколку се подобрат патиштата и граничните премини.
И да, иако зборуваме дека имаме места секаде фалат легла, некаде како бројка, некаде како квалитет. Битола многу губи што нема ниту еден хотел од поголем габарит со висока категорија. Се надевам дека во догледно време ќе се реновира и обнови хотел Епинал, но и дека градот би добил бар уште еден таков и во габарит и со повисока категорија. Како инаку би ги опслужувале сите манифестации кои ги имаат, но и би го развивале Пелистер?
Охрид и крајбрежјето се во фаза каде дефинитивно еден куп досегашни одморалишта ќе мора да се преадаптираат, надградат и прошират, но и осовременат доколку сакаат туристи. Охрид крева цени, но мора да го крене и квалитетот и понудата. Поентата за Охрид не е да има гужва со раја која ноќе се шета и јаде пченка, шеќерно јаболко и волна, туку туристи со подлабок џеб кои ќе ги наполнат музеите, тврдината, рестораните и баровите. Не е поентата да биде скапо, туку квалитетно и професионално, светски. Охрид не смее да е познат по летно време концерти преку цела ноќ со српски турбо фолк, туку по светски поп и рок ѕвезди, но и великани на сериозната музика, каде билетите би биле по 50, 100, 200 евра и би било престиж да се присуствува, а не гребење за гратис влезници на локални фраери и времена квази елита.
Само така Преспанското езеро би било алтернативна понуда за млади, за журки и забава, поевтина варијанта, но и место за семејства кои сакаат мирен одмор. Гледаме дека водостојот на огромен дел од езерата и акумулации е запустен и уништен, и тоа уште еден предизвик на кој мора под итно да се работи.
Изминатите години се гледа дека приватните инцијативи се по напред од она што државата до сега знаела да го следи. И сама Европа преку грантови и кредити тоа го поддржува. Туризмот е цела наука, и треба да престанеме да импровизираме, но и да се откачиме од глупи идеи, но и кадри, кои низ годините даваа стратегии кои не даваат резултати. Транспорт го тера својот дел, Култура и туризам работи и зема залет, иако има простор за уште многу што, тука мора да парира Животна средина дефинитивно, Внатрешни работи се секогаш битни за ред и поредок, а општините мораат со Локална самоуправа да направат план и стратегија кои што може, знае и очекува. Приватниот сектор е тука да се вклопи, да иницира, мотивира, стимулира, а државниот апарат а биде негов контролор, но и поддршка.
Македонија не е ни Грција, ни Турција, ни Хрватска, ни Шпанија, па да прави милијарди од туризам, но дека има што да даде и понуди, и тоа да биде преку целата година, а не само на лето, дефинитивно има. Имаме планини со снег во зима, имаме можност преку новогодишни прослави, ги имаме Водици, свети Трифун, Тримери, Велигден, разни Пастрмајлијади, Питијади, Празијади, Пивофести, Винофести, конгресен туризам, саемски, здравствен, големи концерти на Авалон, спортски мечеви и што ли уште не што може, и Скопје, и Охрид, и цела Македонија, да направи од ова да живее преку цела година.
Сега се прават темелите, наше е да го пратиме темпото и сите да учествуваме во градењето на приказната за Македонија која сакаме да ја продадеме пред светот. Да не заборавиме битката за името и идентитетот за води и вака, ако сме умни. Да живее Македонија!
Александар Ристевски