Впечатлив старт и иницијатива за почит на самиот почеток на мандатот на новиот министер за транспорт, Александар Николоски. Самата и ницијатива не е нова, но ниту еднаш не била иницирана и промовирана на ниво на министер и претпретседател на Влада, плус потенцирајќи ја временската рамка за реализација.
Во изминатите години многу пати пишував на тема инфраструктура и сообраќај, а пред околу две години токму ова што сега се заговара ги иницирав и промовирав, и ден денес верувајќи дека е одлична и функционална идеја, најефино можно решение, но и можност за брз и квалитетен сообраќај и поврзување на периферијата и предградијата и со строгиот ценат на Скопје.
Замислете, превоз кој не касни, кој не е заглавен во гужвите, кој не зависи од протести, временски непогоди и во кој во ист момент може да се пренесат 300 лица одеднаш комотно, што е исто со треи автобуси од градскиот превоз притиснати еден до друг, како сардини.
Актуелниот градски превоз е сосема пристоен за блиските релации посебно во Карпош, Аеродром, и дел од Гази Баба и Кисела Вода. Но, за добар дел од народот на периферијата или северниот дел од Скопје е вистинско мачилиште.
Ќе ви дадам едноставен пример. Живеете во Бутел или Визбегово, или некаде во општина Чучер Сандево. Некаде е околу 15-16 часот. Плус има некакви протести или застој на Цветан Димов, кај Јаја Паша. Колку време ви треба да стигнете дома? Со воз за помалку од 10 минути. Кога ќе стигнете на Железничката во Скопје Север, веќе е полесно нели? И пешки, и со автобус кој од таму трга према вашиот дом, и некој да ве земе со возило, а вие сте ги избегнале гужвите. За уште 10тина минути истиот воз би бил меѓу Ѓорче 1 и 2, а некоја минути претходно во Даме Груев. Со пругата имате директен превоз од стргиот центар со Бардовци и Злокуќани, еден прекрасен, денес веќе елитен дел од градот, а сообраќајно целосно запоставен.
Најбрзо и најреално, најмногу бенефит би видело Драчево. Со две или три станици, овој речиси град сам по себе, ги бил брзо поврзан со центарот на Скопје. Истиот воз, или од време на време во текот на денот, може да продолжува до Зелениково. Оној кој би одел до Ѓорче или Сарај, може преку ден да оди до Радуша, едно големо погранично село кое транспортно е целосно запоставено од градот, а за обичниот народ прескапо за превезување. Исто би било и со крак до Волково, па и Блаце, Крај кон Трубарево и Илинден, кој би продолжил до Миладиновци или Дељадровце.
Што би постигнале со ова? Би мотивирале многу луѓе да живеат на периферијата, во куќи, а да не стравуваат за тоа како ќе одат на работа или нивните деца на училиште. Сообраќајот би се релаксирал. Многу помалку коли во центарот на градот. Не би гледале илјадници коли со само еден човек во нив. Би се намалил метежот.
Ќе заживеат местата околу железничките станици, ќе се отворат еден куп локални бизниси, а ЈСП ќе заштеди многу пари, затоа што подалечните места ќе пренесуваат патници до најблиската железничка па од таму ќе може брзо до центарот на Скопје.
Иницијатива за сево ова имаат и луѓето од движењето „На точак“. Добра им е иницијативата дека треба да се предвиди можноста за превоз и на нивните велосипеди, не само на ваквиот градски воз, туку за севкупната железничка мрежа. Исто и се однесува и за домашните миленици, но се надевам по некакви стандарди и безбедносни услови или во одеделни делови. Треба да се мисли на сите. Во светот има бројни опции, сите треба да се земат во предвид. Реално, железничкиот транспорт е најефтин, со најголем капацитет за масовност, а пругите се генерално празни, неискористени и проточни.
Во периодот кој следи може да се осмислат и договорат и други стојалишта, линиите да се продолжат, па и да се издвојат и изградат и дополнителни краци до Радишани, до Мирковци, кон Ченто и Стајковци, према Батинци, кон Студеничани, во селата во општина Илинден, а понатаму и кон соседните градови, како Куманово, Велес, Тетово. Овој формат на „интер сити“ функционира на пример во еден Њујорк, каде со едно преседување еден куп луѓе работат во центарот на градот на Менхетен, а реално живеат на 100тина километри далеку, каде си ги паркираат автомобилите и брзо стигнуваат на работа.
За почеток ќе треба да се средат, оспособат и расчитат железничките, осветлат и да се обезбедат на сите нив безбедни и средени паркинзи, со такси станици и стојалишта за градски превоз. Да се осмисли системот за наплата кој ги овозможува сите форми (мобилен, картичка, билет од продавница, дневна, месечна карта, кеш). Најмалку е битно дали оператор ќе биде Железница Транспорт или ќе има и приватни инцијативи. Битно е да има ред и сигурност.
За крај, по мене најбитното. Да се планираат со спортски комплеси и саемски или било какви центри и комплеси на една од трасите. Масовниот превоз е еден од предусловите за места со голем наплив на луѓе. Исто така, веднаш да се испланира крак до самиот влез со Скопскиот аеродром. Фарса е да гледате како луѓе се мачат на фејсбук да најдат превоз до другите градови по слетување на авион. Вака ќе си фатат воз до Железничка Скопје, а од таму воз, автобус или било што, кон саканата дестинација.
Да покажеме дека знаеме каде тераме и дека навистина ни е местото во Европската унија. Само вака, со услови за живот и функционирање ќе го задржиме народот да сака да живее и работи во Македонија.
Како беше она, Македонија се сака со дела!
Александар Ристевски