Последното истражување на порталот МКД.мк, спроведено од 20 март до 17 април 2025 година на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%), реализирано од агенцијата „Маркет Вижн“, јасно покажува дека ВМРО-ДПМНЕ, како водечка и доминантна политичка партија во Република Македонија, од моментот на преземање на власта секојдневно остварува сѐ поголеми позитивни резултати.
Позитивните ефекти што ги има произведено се забележливи во контекст на заложбите за стабилизирање на економијата и економскиот напредок, реформите на правосудниот систем и функционалноста на институциите, борбата против митото, корупцијата и организираниот криминал, справувањето со последиците од големата катастрофа што го погоди Кочани и целата држава, и други значајни процеси.
Анкетата недвосмислено, со висок процент на доверба, покажува дека Република Македонија денес е предводена од влада која успева да ги зачува клучните државни и национални интереси, водејќи политика што ја претставува земјата достоинствено пред меѓународната заедница, со јасен став за заштита на националниот интерес и идентитет.
По долго време, граѓаните препознаваат влада која има јасна насока и цврста определба за вистинска државничка политика.
Особено е важно тоа што ВМРО-ДПМНЕ, од првиот ден на власт, постојано и забрзано работи на спроведување на зацртаната политика за подобрување на економската состојба, стабилноста и меѓународната репутација на државата. Владата во рок од десетина месеци реализираше значајни економски потфати, кои резултираа со стабилизација на економијата, зголемување на странските инвестиции и намалување на невработеноста.
Довербата во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постојано расте, благодарение не само на политичките ставови, туку и на конкретните, континуирани резултати што секојдневно се движат во нагорна линија. За првпат, криминалот и корупцијата не доминираат како најголем проблем во свеста на народот, што е јасен показател дека институциите започнаа вистински да работат. Активните полициски акции и еднаквата примена на законот испраќаат порака дека нема да има селективна правда и недопирливи.
Последниот напад на СДСМ кон истражувањето на јавното мислење претставува обид да се дискредитира гласот на граѓаните и да се избегне соочување со реалноста. Анкетите, спроведени по стандардна методологија и транспарентен пристап, не можат да бидат оспорени со празни обвинувања. Наместо да понудат свои бројки, СДСМ повторно се навраќа на стари флоскули и теми од минатото кои немаат допирна точка со денешната реалност. Спроведувањето на истражувања за јавното мислење е пракса во секоја демократска земја, вклучително и во времето кога СДСМ беше на власт. Она што е најважно е фактот дека граѓаните гледаат резултати: борба против корупцијата, економски раст, подобрување на животниот стандард. Тоа е вистинската анкета – секојдневието на луѓето.
Македонските граѓани се доволно мудри да ја препознаат разликата меѓу празна реторика и реална работа. Колку и да се напаѓаат анкетите, довербата и поддршката се градат со дела, а не со соопштенија. Досегашните резултати се само почеток. Пред Владата стои задача за доследна реализација на ветеното на изборите. Ова значи вложување уште поголема енергија за продолжување по истиот пат – во интерес на економски и севкупен раст, поквалитетен живот за сите граѓани, бескомпромисна борба против сите облици на криминал и корупција, функционални, транспарентни, ефикасни и професионални државни и јавни институции и локална самоуправа.
Република Македонија ја чувствува разликата: Владата на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно сѐ повеќе ја оправдува дадената доверба од граѓаните. Резултатите се видливи и мерливи.
28.04.2025 година Проф. д-р Јове Кекеновски