Овие неколку дена речиси секој изнесе свое мислење за она што се случи во Венецуела. И нормално, како и секогаш, ставовите се дијаметрално спротивни (што би рекла некадарната Аналена Бербок, за “цели 360 степени“).
За мене, она што се случи во Венецуела е само повод за една поширока анализа, па самиот чин нема да го коментирам, но…
Се чудам како може луѓе кои и после речиси половина век се’ уште го слават 29 ноември, луѓе чиј идол е “браварот“ Тито, кој, за да создаде несреќници, како што рекол Моша Пијаде, во манир на комунистичка диктатура, им ги национализираше нивите, бавчите, козите телињата… на своите државјани, денес да го напаѓаат “диктаторот“ Мадуро, кој како “шофер на автобус“ го наследил претседателот Чавез и, ги национализирал нафтените извори, со што им донел несреќа на своите државјани.
Од друга страна, луѓе кои како “докажани суверенисти“ се борат за суверенитетот на една држава, како, на пример, Украина и, се згрозуваат од руската “специјална воена операција“, денес, со нескриена радост, ја поздравуваат, според зборовите на Трамп, “специјалната воена операција“ на САД во Венецуела и одземањето на нејзиниот суверенитет.
И конечно, луѓето кои се толку загрижени за “кршење“ на меѓународното право во Венецуела, се истите оние кои молчеа, или дури и го оправдуваа тоа истото кога се “кршеше“ врз грбот на Македонија, од Обединетите Нации во 1995 – та, се’ до денес во Европската Унија.
Двојни стандарди кои го уништуваат светот, институциите, државите, “државниците“, дури, за жал, и умот на поединецот.
МАЧАДО-ИЗАМ, ИЛИ, ЗА ДОБАР СЛУГА НЕМА ЛОШ ГОСПОДАР
Веднаш по доделувањето на Нобеловата награда за мир за 2025 година на Марија Корина Мачадо, за нејзината “борба за демократија и човекови права во режимот на Мадуро“ и нејзината изјава дека “сите венецуелски ресурси доколку биде ликвидиран Мадуро и таа дојде на власт, ќе бидат приватизирани“ и дека “големи инвеститори од САД, кои се на само два три часа од тука, се подготвени веднаш да инвестираат во нивната приватизација“ и уште дека “се тоа добри луѓе кои треба многу да заработат“, во колумна од 10 ноември, веќе пишав дека ова ќе се случи.
Само требаше да се извлече аналогија од случувањата со оваа награда години и децении пред тоа, па се’ да биде јасно. Во 1983 година, пред распадот на Варшавскиот пакт, Нобеловата награда за мир ја доби Лех Валенса; во 1990 година, пред распадот на СССР, наградата ја доби Михаил Горбачов; а во 2022 кога се случи неуспешната обоена револуција во Белорусија, наградата ја доби еден белорус, Алес Бјалјацки, кој ниту има биографија, ниту некој пред и потоа чул за него, ниту нешто важно сторил во животот, освен што инсистираше на ликвидација на легалниот белоруски претседател Александар Лукашенко. Фрлен како крпа после неуспешниот пуч, впрочем како и Мачадо, судејќи според последните изјави на Трамп.
Венецуелската нафта, најверојатно ќе им биде потребна на САД доколку се реализира желбата на ционистичкиот режим на Нетанјаху, американската армија да биде вовлечена во војна со Иран. Со една таква војна, во очигледно единствениот регион со недоговорен статус во Енкориџ, познат како регионот на “Блискиот исток“ (всушност, Југозападна Азија), токму на САД ќе им треба нафта која тешко ќе биде достапна од тој регион.
Токму заради тоа, многупати пишував дека Доналд Трамп мора да се ослободи од тројца луѓе кои го извлекуваат од движењето MAGA и го наведуваат по патот на неговите најголеми непријатели – либералните “елити“. Тоа се државниот секретар на САД Марко Рубио, еден од “јастребите“ на либералите и неоконзевативците, кој ќе биде одговорен за “демократијата“ во Венецуела; Бенјамин Нетанјаху кој упорно прави се’ за да ги внесе САД во војна со Иран, за да и помогне на Велика Британија во обидот да го спречи воспоставувањето на “светскиот концерт“ и заживувањето на мултиполарниот светски поредок и; Владимир Зеленски, оската околу која, поддржувајќи ја војната во Украина и минирајќи секаков обид за мир, се прибира европската либерална “елита“ и нивните колеги од американската демократска партија, во крвав обид да ја сочуваат својата неприкосновена идеолошка власт во светската униполарност.
Зашто, бегајќи од принципите на MAGA движењето кое, всушност, го донесе Трамп на власт, полека но сигурно, тој влегува во сите замки кои западниот марксизам и ционизмот му ги поставуваат, со веројатност да не успее да ги воспостави промените во светот за кои беше избран и на кои, нормалниот дел од човештвото се надеваше.
ЕНКОРИЏ И, ПОТОА
Во многу анализи провејува неизвесност од она што следува, па дури, многу од светските лидери молчат и, како да чекаат што ќе се случи.
За жал, само едно е повеќе од јасно – Обединетите Нации онакви какви што биле замислени при нивното формирање, дефинитивно повеќе не постојат, а со тоа и дефинитивно не функционираат ниту принципите на меѓународното право. Рака на срце, и Обединетите Нации и меѓународното право не функционираат уште од 1995 година, кога заради нејзин прием, токму ОН, наместо да ја заштитат, под притисок на посилниот, на Република Македонија и наметнаа антицивилизациски услови. Од тогаш до денес, светот, за жал, се движи според “законот на посилниот“.
Една од насоките, по која би можел да продолжи да се движи светот, доколку не бидат поразени либералните “елити“, би била токму таа видената во последниве децении – според “законот на посилниот“, воведувајќи го системот на корпоративен фашизам, либералните “елити“ целосно да го воспостават системот на владеење на капиталот со државата, а не на државата со капиталот. На тој начин, со моќта на капиталот и се’ она што произлегува од неговата моќ, државите и нациите да бидат уништени и со светот да се управува од некој самоназначен центар на моќ.
Втората, онаа поверојатната е дека Трамп ќе се врати на основните принципи на MAGA движењето, ќе го испочитува договореното од Енкориџ и, светот ќе тргне во правец на формирање на “светскиот концерт“ како гарант за мир.
Имено, со она што го стори во Венецуела и со неговите изјави дека тоа била “извонредно успешна специјална воена операција“ и дека САД ќе управуваат со Венецуела “се’ додека не се формира функционална власт“, Трамп и дава целосен легитимитет на руската “специјална воена операција“ и барањата за формирање функционална власт во Украина. А, во една скора иднина, можеби тоа ќе значи легитимитет и за некоја кинеска “специјална воена операција“ на Тајван и управување со него “се’ додека таму не се формира функционална власт“.
Ова е можно само доколку се формира едно светско тело, кое ќе го сочинуваат најмоќните држави на светот, кое јас го нарекувам “светски концерт“, по урнекот на европскиот или виенскиот “концерт“, кој формиран од шест најмоќни европски држави во 1814 година, и донел стогодишен мир на Европа. Трамп веќе го најави како група Ц-5 во која би членувале САД, Руската Федерација, Кина, Индија и Јапонија. Би членувале најмоќните држави во светот, но, што е уште поинтересно, држави кои се залагаат за зачувување на традиционалните цивилизациски вредности (со доаѓањето на чело на Јапонија на новата премиерка Санае Такаичи, и оваа држава јасно се објави за вистинските вредности и нивна заштита).
Тоа би бил дефинитивен пораз на глобализмот на либералните “елити“ и нивните наметнати искривени вредности, иако станува повеќе од јасно дека тие нема да се предадат “до последното евро вложено во воени дејствија“ .
Предводник, секако, ќе биде империјата во заоѓање, Велика Британија, која, откако го отвори замрзнатиот конфликт меѓу Израел и Палестина, се позиционира на Балканот за да го отвори и последниот замрзнат конфликт – поделениот Кипар.
Но, за ова, во следниот текст со наслов “Велика Британија и Третата светска војна“.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК