Колумни КОЛУМНА

Дигитализација?!

Дигитализација?!

Изминативе години постојано се зборува за неа. Обиниот човек суша за терминот „дигитализација“, го користат и политичарите, ретко кој му објавнува на обичниот човек што тоа значи.

Во реформите на новата Влада и идните министерства, она што до сега беше дел за информатичко општество и јавна админситрација, го дели делот на информатичкото општество и се посветува на дигитализацијата.

Факт е дека се потрошија многу пари, дека на оваа тема постојано се зборува е ефектот е многу мал, речиси незабележлив. Постојано се прават некакви програми, се креираат сајтови, се зборува за истото, а во реалноста за се ви се бара физичко присуство, секаде мора рачно да се потпишете и ставите печат, да доставите документи во хартиена форма, дури и баналноста за носење извор од родените не постари од 6 месеци или потврда за државјанство.
Процедури кои го успоруваат темпото и брзината на услугите, непотребни и измислени трошоци.

Почнете од самите студенти, каде два пати годишно дремат пред шалтер на студентски прашања за упис. Со таксените марки и пополнување обрасци, заедно со индексот во рака. Ден денес кај нас се смета дека напредно е да се изграби картичка која некаде се скенира или отчитува, технологија која во светот била актуелна пред 20-30 години. Денес се се решава со апликации кои можете да ги симнете на вашиот смарт телефон.

Каде е дигитализацијата во сферата на образованието, во културата? Дали некогаш сте купиле книга во електронска форма? Дали членувате во библиотека и ги гледате и читате дел од изданијата во електронска форма? Освен неколку приватни иницијативи и платформи, ова кај нас е мисловна именка. Се уште по факултетите се фотокопираат книги, скрипти и материјали. Ретки се виртуелните тури по музеите, ретко кој може да влезе во музеј, галерија или било која културна установа и преку својот мобилен да биде прошетан низ поставката или да дознае за Институцијата. Немате јавно достапни информации, ретко кој коминицира со публиката по електронски пат. Се уште се ослонуваме на фиксен телефон на кој и ретко кој одговара.

Само 8% активно работното население (18-64 години) се регистрирани на платформата која државата ја создала, а само половината од регистрираните побарале преку истата услуга. Дали после толку години вложување гледаме ефект? Сеако дека не.

Ајде да поедноставиме: Не постои дигитализација и дигитална трансформација без дигитизација. Која е тогаш разликата помеѓу овие термини?

Дигитизацијата не значи да се замени оригиналниот документ, слика, или звук. Кога ќе го чуеш изразот „ние дигитизиравме“, повеќето од времето тoa значи „се преселивме од хартија и рачни процеси во дигитални податоци и автоматски процеси“.

Дигитизацијата е автоматизација на постојани рачни и хартиени процеси, од аналогна во дигитална форма.
Втор термин е дигитализација. Често се користи напоредно со дигитизација, но е нешто сосема друго. Во бизнис смисла, дигитализацијата најчесто се однесува на овозможување, подобрување или трансформирање на деловните операции и активности, преку користење на дигитални технологии и поширок спектар на дигитализирани податоци.
Ако дигитализацијата е исто така промена на деловните операции, бизнис модели па дури и приходи, тогаш каква е разликата помеѓу дигитализацијата и дигиталната трансформација?

Многу повеќе мостови се потребни да бидат изградени, во сеопфатната стратегија за дигитална трансформација. Дигиталната трансформација првично била користена за да се опише трансформацијата од хартија во дигитални информации. Чекајте, зарем не беше ова дигитизација? И така настануваат забуните.

Дигитализацијата води кон дигитален бизнис, дигиталната трансформација бара дигитален бизнис и дигитизација.
Време е да се започне со сеопфатна општествена трансформација. На повозрасното население и оние кои не ги пратат трендовите и технолошкиот напредок, треба да им се овозможи форма за помош за добивање на ваквите услуги. Но, доколку сакаме да се интегрираме во ЕУ, ова е дефинитивно еден од најголемите приоритети. По многу аспекти сме целосно заостанати како нација. Министерството ќе треба да иницира, координира и стимулира, а севкупниот јавен сектор и инситутициите ќе мора здраво да запнат за овој процес брзо се спроведе.

Како што и многупати сум рекол, не е до потрошените средства и изработените апликации и програми, туку до секој рабоводен орган во секое министерство и институција, и неговата решителност нешто да се реализира до крај и примени во пракса.

Александар Ристевски

To top