Колумни

Црна кампања!?

Власта во заминување со себе ќе повлече и еден куп изманипулирани ликови кои бранејќи туѓ лоповлук и криминал, ќе ја навлечат омразата и лошата енергија на себе.

Црна кампања!?

Започна кампањата на избор на Претседател, во најава е кампањата за парламентарните избори. Битката започна уште многу порано, но се повеќе од очигледно е кој паничи, и кој во истата ќе игра валкано.

Секаде во светот црна кампања обично води неспособна опозиција, која не знае како да ја оцрни власта, или пак власт која е во слободен пад, а не знае како да си ги покрие валканиците.

Едноставно, не им оди. И на СДСМ, и на ДУИ. Социјалдемократите одамна сфатија дека немаат апсолутно никакви шанси да победат, па тргнаа со тезите за коалициски капацитет или за умешност во преговарањето (јас би рекол распродавање и раскрчмување), за разлика од опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ  која не била пожелен партнер за преговарање со партиите на македонските албанци, но и не била „демек“ пожелна за меѓународната заедница.

Токму таа, непожелната, е рамноправен член на европските народни партии, група која ги води пола држави во Европа, додека СДСМ е набљудувач на европско ниво, а ДУИ не е никаде (поради тоа беше она нивното глупирање за станат „зелени“). Така да, муабетот со непожелност паѓа во вода. Исто како и тезата за тоа кој бил про руски и анти европски. Не оди да му го импутирате на политички субјект кој во раните 90ти го има во статутот – членство во ЕУ и НАТО.

Ова што го гледаме деновиве само покажува што може да очекуваме во следните месец дена, иако мислам дека две недели порано на 24 април ќе добијат еден огромен шамар од народот по кој ќе мора многу нешта да менуваат во од, или пак ќе отидат на уште по грозоморно сценарио кое е типично само за нив.

Првото соочување на Ковачевски и Мицкоски помина како што помина. Мицкоски си ја тераше својата агенда, ги промовираше ставовите, проектите, но и ги критикуваше недоследностите на власта. Ковачевски настапи агресивно, нервозно, со упаѓање во збор. Делуваше неспремно, хаотично, му паѓаа тетратки од масата, а дури се осмели јавно да лаже и измислува, па потоа ретерираше или менуваше тема. Најинтересно беше кога почна да зборува за некоја средба во која наводно му рекол нешто на Мицкоски, по што кога му беше речено дека таква средба и разговор немало, тој рече дека кажал пред медиумите.

Во отсуство на објаснување како вон законот актуелната власт ангажира странци во изборна кампања, од нигде никаде, почнаа да се продуцираат разни наводни документи за некакви планови за напад во медиумите, се со цел да се затскријат црнилата токму на власта. Во брзање на штанцање на измислени документи утнале дати, имиња, идентитети, битно медиумиските ботови се превзедоа и пласираа што пошироката јавност. Очигледно, паниката е во дојдена до полн израз.

Интегративците, кои имаат убаво космополитско име, секогаш се држеа до гласачи од својот албански кампус. Правеа излети со кандидати Македонци (рисјани или муслимани) кои наводно се чувствувале како Албанци, ама поради „репресија“ со децении им било наметнато да се Македонци. Сега, во очај прават коалиции со ромски, бошњачки и турски партии. Значи и таму гори под нозете, затоа што без оглед што зборуваат анкетите евидентна е енергијата за промена. Чим под свое собраа еден куп човек партии, а до пред години им беа најголеми душмани, јасно ви е каде оди работата.

Нападите кон техничките министри и техничките дополнителни заменик министри, ја гледаме на дневна основа. Ударно, на тапет за се е ставен министерот за внатрешни работи Тошковски, кој во неколку свои јавни настапи кажа за подметнувањата кои на дневна основа од прв ден му се прават. Со пасошите, обрасците и термините, потоа околу повлекувањето на обезбедувањето пред грчката амбасада, па внатрешните роварења на одговорни лица кон подолните ешалони, од барање одговорност од одредени медиуми кон самиот министер поради постапување на униформирани лица по службена должност на одредени настани.

Фасцинантно е како луѓе кои ги знам, или барем сум мислел дека ги познавам, се трансформираат во предизборието. Тогаш сфаќате всушност дека или многумина глумат во континуитет, или се на копче па функционираат по нарачка, или пак имаат некоја сосема трета агенда која јас не можам да ја сфатам или објаснам.

За многумина објективноста, но и идеалите, се ептен далечна, па дури и недостижна работа. Токму затоа народот е скептичен и речиси никому не верува. Образот е ѓон кај многумина, за жал. Сево ова ќе помине, изборите ќе завршат, лузните ќе останат.

Власта во заминување со себе ќе повлече и еден куп изманипулирани ликови кои бранејќи туѓ лоповлук и криминал, ќе ја навлечат омразата и лошата енергија на себе.

На овие избори, потребна е голема излезност. Масовно гласање, за да на сето ова се стави крај. А потоа ќе мора да дојде до ред. Ред, закон, критериуми и поредок. Сите оние кои тријат раце и се надеваат дека тие „ќе се омрсат“, мислам дека живеат во заблуда, ама ајде, да сме живи и здрави.

 

Александар Ристевски

 

To top