Колумни

БУЏЕТСКА БАЈКА – НОВОГОДИШНО ЗБОГУМ ЗА СДСМ

БУЏЕТСКА БАЈКА – НОВОГОДИШНО ЗБОГУМ ЗА СДСМ

Бидејќи со мојот говор на општата расправа за буџетот на комисијата за финансирање и буџет ги погодив „осетливите“ колеги од СДСМ, па мораа да ја напуштат салата, да се обидам денес да бидам „повнимателна“ и да не ги нарушам нивните мир и благосостојба.

Се одлучив да раскажам една бајка… Започнав со пребарување на гугл за вистинското значење на терминот бајка. Па, чичко Гугл прво испрати поздрави до Заев и му порача неговото доаѓање во Македонија да го запише како новогодишна желба за следната година. Како и да ја напише Заев картичката – гугл ќе се обиде да му го разбере ракописот и овојпат ќе гледа да му излезе во пресрет.

Кај неговите верни сопартијци го напуштаат, барем чичко му Гугл не го напушта и ќе му одговори кога конечно ќе дојде во Македонија.

Е сега, да видиме што пишува чичко Гугл за терминот „бајка“… Вели вака: „Бајка или сказна е вид кратка приказна што обично содржи фолклорни измислени карактери, како што се самовили, гоблини, тролови, џуџиња, џинови, сирени или гномови, и најчесто магии. Терминот бајка се користи и за запишување на нешто обвиено во невообичаена среќа и радост, како на пример среќен крај на некоја бајка, или пак запишување на романтична бајка, макар што сите бајки не завршуваат среќно.“ – завршен цитат од чичко Гугл.

Бајката на овој состав на СДСМ започна пред точно 7 години, кога ликот Заев, небаре волшебна самовила, изборниот пораз со чудесна магија го претвори во победа и точно на први јули 2017-та од маг се претвори во Премиер на Владата на Република Македонија.

Брзо после оваа негова трансформација, следуваше ребаланс на буџетот за 2017-та, кога сите од власта се оградуваа од било каква одговорност или должност, велејќи дека тие не го креирале тој буџет. Донекаде, да кажеме дека им држеше вода ваквото оправдување.

Арно ама, од крајот на таа 2017-та, па се’ до ден денешен, истите ликови, дали измислени или не, ама дел од заевата бајка, ни креираа 7 пати буџети досега. Речиси исто толку или помалку (минусирајќи го овогодинешниот ребаланс), истите ликови креираа и ребаланси на своите буџети. И, кој е исходот од денешна временска дистанца?!? Исходот е јавен долг од близу 9 милијарди евра, а истрошени пари на невиделина (ако ги пресметаме и овие од буџетот за 2024-та), речиси 30 милијарди евра.

Да беше заевата бајка со среќен крај, ние денес ќе немавме место без асфалтско поврзување, а автопат ќе имавме и меѓу Берово и Делчево, на пример. Замислете, на секоја патарина од автопатиштата да стои и по една слика од националниот координатор, горд како и секогаш, ама овојпат на реализацијата, не само на неговиот животен проект, туку и многу повеќе. Ова само замислете си го.

Да беше ова бајка, ќе имавме три нови клинички центри – еден во Скопје, а останатите два, на пример, во Штип и во Битола. Да стануваше збор за бајка, ќе имавме студентски градови, не само во Скопје, туку и во Тетово, Штип, Битола, Охрид и Кичево. Да имаше среќен крај оваа бајка, денес учениците ќе ни имаа учебници, замислете, а студентите на ФИНКИ и на Факултетот за спорт ќе беа во склоп на дворот на ректоратот на уким. Во оваа бајка земјоделците ќе не’ имаа направени популарни со нивните квалитетни производи, не само во регионот, туку и во цела европа. Пензионерите ќе ни одеа сега на некои новогодишни прослави во соседството, а нивните внуци ќе ги имаа почестено со некое патување во некоја европска дестинација. Луѓето од средното доба, пак, ќе ги имаа преполнето своите фрижидери со намирници, ќе ги имаа исплатено сите доспеани сметки, ќе возеа нови автомобили и ќе беа пресреќни во своите топли домови.

За жал, бајката на Заев која ни ја раскажуваше дури од 2015-та, која доби можност да ја реализира, односно да ја заврши со среќен крај, со чичко му Гугл покрај него, со „Лидл“ во Струмица, Скопје и Охрид, со стаза за формула еден и со што ли уште не, заврши без него во неа. Имагинацијата, односно неспособноста, му беше толку голема, што на неговото место во нереалната бајка седна еден нов маг од Куманово, со сомнително образование, со лажно харвардско усовршување и со најлажни човечки вредности. Еве веќе две години како се обидува да ја надгради нестварната бајка на Заев, ама воопшто не му успева. Па така, го имаме повторно кутриот Ковачевски, како се мачи да ни протне уште еден нереален буџет во реалноста. Имаме нови 5,5 милијарди евра за стари нереализирани проекти, но за нови партиски вработувања, нов мебел и нови возила. Едноставно, се’ е исто, само него го нема, што би рекол еден портпарол и пратеник на една бајковита партија на власт. Стана Заев, за да седне Ковачевски, ама бајката останува. И веќе се ближи и кон крајот, кој е се’ повеќе извесно дека ќе биде несреќен и очаен.

Многу очекувања паднаа во вода. Најмногу, на оние кои искрено веруваа и даваа безрезервна поддршка. Не само шарените револуционери, туку и многу звучни и препознатливи имиња и’ свртеа грб на партијата која ги јавна на бранот на ветувањата.

Останаа се’ уште истите ветувања, се’ уште истите нереализирани проекти, што капитални-што помали, но најмногу од се’ – остана бедата и сиромаштијата. Останаа пусти патишта, распаднати училишта, болници со субстандардни услови за работа и услуги, и институции со многу вработени, а со малку услужени. Едноставно, останува пустош после 7-годишното владеење на тандемот ДИУ и СДСМ. Пустош, после кој на секој ќе му биде тешко и безизлезно. Но, подобро еднаш и од под нулата да се започне, отколку да се продолжи по стрмниот пад на пропаста, понижувањата и кражбите.

Ова што го имавме деновивепред нас беше се’, само не развоен и буџет кој би постигнал фискална консолидација, забрзан економски раст и кој би им помогнал на социјално ранливите категории граѓани, иако речиси половината од него само на хартија се наменети за нив. Сумата која, евентуално, и би стасала до нив, ќе биде пренаменета за изборен поткуп, односно оваа корумпирана власт ќе се обиде, макар и за последен пат, повторно да си поигрува со судбините на најсиромашните и селективно да им исплаќа т. н. помош, која во суштина доаѓа од парите на народот. Ете така оваа власт катадневно функционираше изминативе 7 години, а така планира да функционира и во следните четири месеци.

Како да имавме реприза секоја година во овој период од изминативе седум години, кога министрите за финансии ни го најавуваа најголемиот и најразвојниот буџет за секоја следна. Од сите нив стасавме до најголема сиромаштија и најголеми долгови. Од сите нив стасавме до тоа годишно да ни се иселуваат по 12.000 наши државјани. Од сите нив стасавме до тоа пензионерите да ни протестираат по улиците, а заедно со нив и синдикатите, судската администрација, тутунарите и уште многу други. Од сите нив, стасавме да го дишиме најзагадениот воздух и да сме една од здравствено најнебезбедните земји за живеење.

Кога веќе го споменав здравството, морам да повторам уште еднаш дека ниту со овој буџет нема на повидок нов клинички центар или нови клинички болници во Штип и Битола, како ниту реновирање на кичевската болница. Нема на повидок никакво покрупно инвестирање во здравството. Оваа арогантна власт, дури и после грозоморниот скандал на Клиниката за радиотерапија и онкологија, не го прифати нашиот амандман со кој баравме 325 илјади евра за подобрување на условите на пациентите токму во оваа клиника. Го одби и амандманот за набавка на нови возила за итна помош.

Одби многу останати амандмани од областа на здравството со многу едноставен одговор: Имаме план или имаме предвидено средства. Мојот коментар на ваквите арогантни одбивања е дека 7 години ве слушавме како имате план и предвидено средства, но нигде не ги видовме истите. Поточно, не видовме ниту една капитална или било каква инвестиција, а со потрошени 25 милијарди евра и сега, со уште нови 5,5. Што е многу, премногу е!

Да кажам збор – два и за младите кои оваа власт ветуваше дека ќе ги задржи во Македонија. Одби 7 наши амандмани кои беа составени заедно со нашата Унија на млади сили. Истите се однесуваа за: зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк – од 140 на 200 денари, за повеќе средства за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, за издвојување средства за конечна изградба на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, за 20% зголемување на студентските стипендии, за реконструкција на високообразовната инфраструктура и целосна дигитализација на сите универзитети, за повеќе средства за изградба на спортска инфраструктура во општините и за повеќе средства за секторот млади при Агенцијата за млади и спорт. Сите 7 ги одби, без око да и’ трепне.

Што се однесува до најактуелната тема во овие зимски денови, а тоа е аерозагадувањето, исто така власта арогантно ги одби сите амандмани поврзани со ова. Истата власт која велеше дека проблемот со аерозагадувањето ќе се решел штом ВМРО-ДПМНЕ падне од власт. Седум години изминаа, а абер се нема од превземање на нешто конкретно. Како и до сега. Колку и да ја мразам оваа фраза, ама е неизбежна да ви се спомене, како бумеранг за вашата бахатост и неспособност.

Истиот однос, веќе втора година после стапувањето на сила на вашите измени на законот за минимална плата, го имате кон сите синдикални организации во Македонија. Арогантно ги одбивте комисиските амандмани кои, како пратеничка група, ги поднесовме на нивно барање кое, патем, беше испратено до сите пратенички групи, не само до нашата. Повторно ароганција и повторно кршење на закон и на колективни договори. Единствено на што останавте доследни од почеток до крај, тоа е на непочитувањето закони. Стана ваш заштитен знак.

Затоа, кога ќе ве слушнам како зборувате за вашиот европски фронт и за вашите европски вредности, не можам, а да не ве прозрам, а верувајте дека народот многу повеќе ве прозре. Го искористивте и го потценивте, мислејќи дека имате време. Така велевте на почетокот. Така велевте и кога не’ зафати пандемијата со ковид 19. Заради неа велевте дека не сте можеле да го реализирате ветеното. Арно ама, пројде и таа. Се’ пројде и ќе пројде, само вашата хронична неспособност и незаинтересираност за ништо друго, освен за тендери и криминали, никако да пројде.

Па, сметате сега, дека со 9-тиот по ред пакет на антикризни мерки, нешто ќе поправите. Се лажете. Уште повеќе го револтирате народот. Во училиштата успеавте да создадете таков хаос, што можеби со него сметате дека некои од родителите и децата ќе се откажат од понижувањата кои им ги приредивте за само 1.200 денари за следните пет месеци. А, да не споменувам каква дискриминација успеавте да создадете меѓу децата. Затоа можеби си ги сместивте вашите кандидати токму во оваа комисија, мислејќи дека ќе влијаете врз нивната работа. Буквално седум години така функциониравте, инсталирајќи ваши луѓе на битни позиции.

А пред тие седум години вие најгласно ја критикувавте партизацијата. И во право бевте. Ама – тогаш. А, кога денес не’ потсетувате на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и „режимот“, морам да ве потсетам или предупредам дека ова ВМРО-ДПМНЕ, кое следува после 8-ми мај, ги извлече поуките од сечии грешки. Ова не е старото ВМРО-ДПМНЕ. Она, кое вие денес очајно се обидувате да го имитирате, ама само во делот на партизацијата, никако во делот на економијата. Таа тема не ви одговара. Не сакате да ве потсетуваме.

Сакате да зборувате само за она што вам ви одговара. Не сакате да си признаете дека имате клон на еден наш „големец“ – сега во вашите редови. „Комита“ на батерии кој ви наредува за кој член на која комисија да гласате. „Комита на батерии“ кој не смеете да го потсетите дека меѓу кандидатите за членови на комисиите имаше и соодветни и компетентни, ама и ваши (ако веќе сакате на тој јазик да говориме). Не смеете. Молчите и кревате рака ЗА. Небаре утре некој ќе ви заборави или прости. Немате авторитет да постапувате согласно закон. Немате авторитет да се спротивставите на неправдите и кршењето закони. Ама, едно да знаете. Вие сте извршителите и утре, по судовите, нема да важи за доказ вашиот збор дека некој така ви наредил или вашето молчење. Премолчувањата и повлекувањата не’ доведоа сите до тука – до кај што сме.

Колку пати сум ве повикувала како колеги, како луѓе за кои сакам да верувам дека не сте вмешани во криминалите на големците… Немојте да бидете извршители. Утре вие ќе ја сносите одговорноста пред судовите. И Љубомир Јовески, и Вилма Русковска, и Катица Јанева – вашите најголеми адути на времето, видовте каде и како завршија.Свестете се дека не може да се случуваат истите работи со нови ликови и после една деценија.

Едноставно, народот е истиот и има колективна меморија. Затоа, не се тешите со фразата: „сите се исти“. Ве повикувам да докажете дека и вие не сте исти со вашите наредбодавци. Отстапете од нив, ако се’ уште сте поддржувачи на вашите пароли: „Нема правда – нема мир“, „Живот за сите“ или „Едно општество за сите“. Можете или не можете?!?

Како излегувавте деновиве и го браневте овој мегаломански буџет, свесни притоа дека ништо од него нема да биде?!? Свесни дека 4 месеци после ова вие заминувате во опозиција. Вие не направивте ништо за 6 години со 25 милијарди евра, па ќе направите сега – за 4 месеци и со 5,5 милијарди евра… Бајка, ви кажав на почетокот. Бајка од која создадовте магнати, кревајќи тука раце и бранејќи криминалци. Утре и вие ќе одговарате за соучесништво или за одмолчување.

За следниве 4 месеци единствено што ќе направите и за што сте навистина способни, тоа ќе биде општа пљачка на се’ што е државно и класичен предизборен поткуп. Само да сте свесни дека после изборите, на кои катастрофално ќе изгубите,  токму заради сето ова и многу повеќе, ќе одговарате согласно законите кои не ги почитувавте. После изборите нема да ги имате Јовески и Кацарска. После изборите доаѓа едно друго ВМРО-ДПМНЕ кое нема да ви прости ни најмала грешка, како на вас, така и на секој следен после вас, што ќе се обиде да ја злоупотреби власта и што ќе се дрзне да мисли дека се’ ќе биде како до сега.

Ништо нема да биде и не смее да биде како до сега. Веќе нема ни што да се краде, ни што да се јаде. Веќе е премногу од се’. Премногу од лажни политичари, од криминални министри и корумпирани функционери. Македонија нема време и простор за следни криминалци. Македонија е време да стане држава каде криминалците ќе бидат по затвори, учените и способните на соодветни позиции, земјоделците на нивите, пензионерите во своите мирни домови.

Хаос направивте од се’. Целно и смислено. Додека на една страна луѓе се борат за корка леб, на друга страна создадовте арамолепци и криминалци кои се расфрлаат со пари и чалам, небаре државава ја ослободиле. Небаре седнале и сработиле нешто. Небаре државава им е семејна куќа. Бар да се однесувавте кон државата како кон сопствените домови, многу поинаку ќе беше. Барем се надевам, иако од вас никое чудо не би ме изненадило. Оставивте луѓе по улици, а вашите криминалци ги сместивте во сараи. Пикнавте невини по затвори и со несоодветни обвиненија, додека вистинските виновници и криминалци се вашите соработници и наредбодавци.

Кренете ги главите и спротивставете се. Како би ви било, да се работеше за ваши деца, за ваши роднини, за ваши куќи?!?

И, ако некој се обиде да ме помисли дека денес сосема сум ја промашила темата за буџетот за 2024-та, веднаш да ви напишам дека вие 7 пати по ред ги промашивте најмегаломанските буџети до сега. Седум години по ред оставате пустош и беда, наспроти вашиот сјај и ароганција. Седум години го пљачкате народот, без око да ви трепне и сеете само страв и закани.

Никој повеќе не ви се плаши. Знаете зошто? Затоа што претеравте. Затоа што нема полошо од тоа – вие да останете на власт и да продолжите со вашата ароганција и криминал. Затоа што на народот му стасавте преку глава.  Овој народ поминал и видел многу влади и власти, но како оваа – дефинитивно не. Затоа, не се подготвувајте за поткупи, за закани, за валкани црни кампањи, за бришење и уништување на докази за вашите криминали. Нема подобар и поверодостоен доказ за вашето лошо владеење овие 7 години, од осиромашениот и разочаран народ. Тој треба и мора да ве казни, не затоа што рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е недостижен, туку затоа што вие го излажавте, пониживте, продадовте и опљачкавте сопствениот народ. А, токму тој осиромашен, понижен и потценет народ на сите страни вели: Доволно е, и премногу е, од ова СДСМ и од ова ДУИ.

Доволно е и од мене за ова СДСМ и за ова ДУИ. Доволно, а ако се сетам за кого е, тогаш и премногу е. Вашата бајка завршува со несреќен крај за вас, ама среќен за народот, кој ќе ве казни на следните избори и ќе и’ даде шанса на ВМРО-ДПМНЕ да ги исправи сите неправди и од Македонија да создаде една  вистински успешна и убава реална приказна.

П. С. Препорачливо е во вашите новогодишни желби да си посакате следната година што помал пораз на изборите и што помали казни од судовите. И првото и второто ви се неизбежни, ама убаво е човек да има свои желби и мечти. Како во бајка, де…

 

Дафина Стојаноска – пратеничка

To top