Колумни

Будење на пролетта и бапчорките

Будење на пролетта и бапчорките

Нема ден, нема миг, а Таче и Стево да не’ се отворат. 12 прста. Предизборни, северни феномени. Да, Фројд си работи, 24/7. Ок, барем некој нешто да работи, оти властодршците се оперирани од таа „грдотија“. И така, се менуваат. Прво ќе признае Пендаровски, па ќе дојде редот на Ковачевски. А, ајвани ко ајвани, не ни знаат што кажале…

Сефтето го направи Стокиќ, кој срочи дека во неговиот „втор мандат“ ќе сме влегле во ЕУ. Нити тој ќе добие втор мандат, а како што тргнало во ЕУ можеби ќе станеме некоја си „придружна“ членка, во втора, трета или, поверојатно, шеста брзина. Во превод, кога Стево ќе стане претседател, ќе слетаме на Марс. Сатурн ли беше…

По неговите стапки, без да чека секунда, тргна и Ќуран. Проверен рецепт било, демек големата Гебелсова лага со која не’ „возат“ цели 30 години имала супер ефект. Гарант, процениле по лајковите на ФБ. Од оние дечки од Полинезија, Пакистан и Бурунди. Оти, овие политикантски дилајли немале поим од реалност, меѓу народ шетале само на снимање промо-спотови, а тогаш околу нив саде платени суртуци да ти биле…

И така, ќелепурот во чиј краток мандат цените скокнаа дупло, сега не’ лаже дека во неговиот втор мандат, просечната плата ќе станела 1000 евра. Ууууууу! А, сега да ти била околу 40 илјади денари?! Уште поУУУУУУУ! Нејсе што никој нормален не познава пријатели, роднини или комшии кои ги земаат тие 40 бона. Или знаат по еден, среќлија…

Нити Таче ќе ќари втор мадат, а уште поверојатно ние нема да ја сефтосаме „илјадарката“ со него. Не жалиме, оти поверојатно е дека тој со песна би ни земал илјадарче, отколку да даде…

Симптоматично е и што „илјадарката“ на Ќурка доаѓа во ист ден кога дознавме дека сме балканска бедотија со еден насто економски раст, три до шест пати помал од комшиите. Дека официјално сме во банкрот со јавен долг од над  62 насто од БДП. Или Мастрихт лаже, а? Долг мега-зголемен од економските дунстери за 3,8 милијарди евра во споредба со пред 7 години. Во исто време кога исчуреа електронските аута на Артан, а за 20-те милиони евра „помош“ тек ќе се истражувало.

Можеби, платата од илјада евра важи за екс-градоначалниците на СДС кои станаа дилери? Еден Боро Малборо со дрога, друг од Петровец со оружје. Или илјадарчето важи за генералните секретари во влада, сите до еден во ќорка? Можеби мислеле на Димова, на Катица која можеби за баш таа илајдарка се вработи кај синот во канцеларија, иако се уште е во затвор?  Или, илјадарката е плата на дилерот на екс пратеникот Богоевски? Толку ли земале дневно на Онкологија? За модуларните огнени стапици алијас болници некој за час ли ги заработувал? Можеби, Таче зборува за илјадарката што во минута ја заработуваше Црпко преку Вицето? Илјадарките од грантовите за заслужни северџганистанци на Деспотовски ли? Илјадарките за стипендијата за Димитров фамилија ли? Или оние што им ги тутнаа на пишаните медиуми за предизборен поткуп? За Еуровиа, за мито за работа во Контрола на летање, за Дрин, за фотоволтаиците на госпожата на Ќуран ли? За 50.000 илјадарки за Милитанеос ли? За милион и триста илјадарки за Бехтеловци ли?

Знаат дека лажат ќелешите владини, знаат и што ги чека, та затоа сега глумат жртви. Да, да. Таче и Стево да ти биле жртви на лошите новинари и на садистичките анкетари, а Бујар и Артан Нежни на неправедното македонско општество. Да ти било „ин“ де се биде жртва, многу, ептен модерно. Припрема за жалопојките кои северните кукумјавки катадневно ќе ги пеат во опозиција. Показна, предизборна вежба.

Кога ќе размислам, многу ми недостигаат плачките и лелеците и на оние суртуци од комуњарската НВО ергела, на „пленумите“, на сите оние медиумски бапчорки, Џабилебари, Тричковци, Ризик-аовци и останатите 40 арамии. Ни фалат, ама многу. Тоа ќе значи дека и Македонија се разбудила, Македонците башка…

Имам конкретно чувство дека пролетта нема да ја разбуди саде природата. Временската прогноза предвидува и будење од 7-годишниот зимски сон на овие нафатирани и јако ухлебани хохштаплери, манипулатори и пропагандисти. Алармот им бил темпиран за 9-ти мај, саде ден по осми…

Аирлија!

To top