Во образованието никој не смее да биде изложен на дискриминација и сегрегација, секое дете имаат право на образование. Оваа Влада има и програмска определба дека во текот на мандатот ќе ја зголеми инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование. Истото важи и за децата од сите други етнички заедници. Заедно со општина Штип ќе најдеме решение за сите предизвици, затоа што наш приоритет се младите и нивното квалитетно образование. Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска, која е во работна посета на општина Штип, и со претставниците на образовните установи и на локалната самоуправа разговараше за актуелните состојби во образованието.
„Посебно се осврнавме на процесот на инклузија на учениците на локално ниво, нотирано е дека има предизвици, но сите заедно ќе се заложиме за да ги промениме состојбите кон подобро. Како човек и како министер кој силно се бори против сегрегацијата и цврсто верува во придобивките од интеграцијата, од заедничкото живеење, учење и делување за развој на државата, ме радува што општината се интересира и нуди решенија за состојбите во ОУ ‘Гоце Делчев’ и верувам дека во време на мандатот на актуелниот градоначалник и општински совет, тие ќе бидат позитивно надминати“, рече Јаневска.
Општината, училиштата и Министерството активно ќе се вклучат во поддршка на процесот на инклузија.
Министерката Јаневска и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Дејан Мираковски ја разгледаа можноста за обезбедување сместувачки капацитети за студентите во Штип.
„Уверена сум дека ќе најдеме решение и тоа ќе биде можност за повеќе студенти да се запишат тука и младите да го заживеат градот, па и регионот, и истовремено така јакне позицијата на самиот универзитет“, посочи министерката.