Во следните денови во неколку делови на Грција постои многу висока опасност од пожари, а министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикиљас апелираше сите да бидат максимално внимателни, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас објасни дека според надлежната комисија за оцена на опасностите денеска и за време на викендот во централна и јужна Грција, делови од Пелопонез и на островите во Егејското море ќе преовладуваат тешки временски услови со силен ветер што ќе достигне до шест и седум Бофори и дополнително ќе се зајакне в недела.
– Повикувам на внимателност и барам од нашите сограѓани да бидат максимално внимателни, бидејќи не е дозволена некаква грешка, истакна надлежниот министер.
За денеска, постои многу висока опасност од пожари, од категорија четири во неколку делови на Грција, конкретно во јужниот дел.