Свет

Харис ја прифати номинацијата за претседател на САД: Ќе се борам за средната класа

Харис ја прифати номинацијата за претседател на САД: Ќе се борам за средната класа

Камала Харис ја прифати номинацијата од Демократската партија на партискиот конгрес во Чикаго, што ја направи официјален кандидат на партијата за претседателските избори во САД на 5 ноември.

„Во име на Американците, како оние со кои пораснав, луѓе кои напорно работат, ги следат своите соништа и се грижат еден за друг, во име на сите оние чии приказни може да се напишат само во најголемата нација на светот, ја прифаќам вашата номинација да станам претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Харис пред присутните на конгресот.

Харис ги повика Американците да ги отфрлат политичките поделби и да одберат нов пат напред и најави дека како претседател ќе се залага за намалување на даноците за средната класа, како и за поддршка на сојузниците од НАТО и Украина. Харис истакна дека сега е време за прекин на огнот меѓу Израел и „Хамас“ и постигнување договор за ослободување на заложниците во Газа.

Актуелната потпретседателка ја истакна својата лична приказна и искуството како обвинител, аргументирајќи дека има уникатни квалификации за да ги заштити интересите на Американците против Доналд Трамп, кој според неа, има само свои интереси на ум.

Нашата нација има ретка можност со овие избори да го надмине горчливиот и циничен пристап од минатото и да избере нов пат напред, не како припадници на една партија, туку како Американци, рече Харис пред собраните делегати.

Харис, која е ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, стана првата жена Црнкинка и личност од јужноазиско потекло која ја прифати номинацијата за претседател од една од двете главни партии во САД. Ако биде избрана, таа ќе стане и првата жена претседател во историјата на САД. Во својот говор од 40 минути, Харис не ги спомена директно овие историски први случувања и ретко ги употребуваше зборовите „Демократ“ или „Републиканец“, освен во контекст на дискутирање на двопартискиот закон за границите, кој Трамп го блокираше порано оваа година, а кој таа вети дека ќе го потпише ако биде избрана.

Излагајќи го своето искуство како обвинител, државен обвинител, сенаторка и сега потпретседателка, Харис изјави: „Цела моја кариера сум имала само еден клиент: народот, за разлика од Трамп, кој според неа секогаш дејствувал во свој личен интерес.

Харис упати директен повик до Републиканците кои не го поддржуваат Трамп да ги остават настрана партиските етикети и да ја поддржат неа наместо Трамп, кој го негираше својот пораз од Џо Бајден на изборите во 2020 година, што ги инспирираше настаните од 6 јануари 2021 година и нападот на Капитол.

„Знам дека вечерва има луѓе со различни политички гледишта и сакам да знаете дека ветувам дека ќе бидам претседателка за сите Американци,“ рече Харис. „Ветувам дека ќе бидам претседателка која ќе ги почитува основните американски уставни принципи, од владеењето на правото и фер избори до мирен трансфер на власта.“

Харис се осврна и на важноста на поддршката на сојузниците од НАТО и на продолжувањето на поддршката за Украина во нејзината борба против Русија, при што изрази силна определба да ги брани американските интереси и безбедност.

Давајќи ги своите најподробни забелешки за националната безбедност откако стана претседателски кандидат, Харис вети дека ќе ги зајакне односите на САД со сојузниците од НАТО и рече дека земјата мора да продолжи да ја поддржува Украина во нејзината војна со Русија. Трамп и неговиот кандидат за потпретседател Џ. Д. Венс повеќепати досега го поставија прашањето за натамошна поддршка на САД за Украина.

– Никогаш нема да се поколебам во одбраната на безбедноста и идеалите на Америка, бидејќи во постојаната борба меѓу демократијата и тиранијата, јас знам каде стојам и знам каде припаѓаат Соединетите Американски Држави, рече таа.

Потпретседателката исто така вети дека ќе се заложи за завршување на војната на Израел против Хамас што може да го стабилизира остатокот од регионот, додека нема да се двоуми да ги заштити американските сили од агресија од Иран и други непријатели.

Таа вети дека „секогаш ќе застане на страната на правото на Израел да се брани“ по нападот на Хамас на 7 октомври и побара ослободување на заложниците и спроведување на договорот за прекин на огнот, но, истовремено го истакна и страдањето на палестинските цивили. Пропалестинските демонстранти и членовите на „неопределеното“ движење во арената остро ги критикуваа организаторите на конвенцијата за тоа што не поканиле Палестинец на сцената.

Она што се случува во Газа во последните 10 месеци е поразително, толку многу невини животи се изгубени, рече Харис. „Очајни, гладни луѓе кои постојано бегаат на безбедно. Обемот на страдањето е срцепарателен“.

Харис, исто така, се осврна на важноста на враќањето на правото на абортус на национално ниво, откако Врховниот суд на САД ја поништи одлуката Roe v. Wade. Ветувајќи дека ќе го врати националниот пристап до абортусот откако Врховниот суд го отфрли Роу против Вејд, Харис ги критикуваше Трамп и републиканците кои овозможија забрани за абортус во дваесетина држави и се обидоа да продолжат понатаму. „Тие се без памет“, изјави Харис.

На конгресот зборуваше и поранешниот конгресмен Адам Кинзингер, републиканец кој е критичар на Трамп, повикувајќи ги своите сопартијци да ги поддржат принципите на американската демократија и да се спротивстават на Трамп.

Таа го заврши својот говор со повик до своите поддржувачи да продолжат со кампањата како да заостануваат во трката, но изрази увереност дека ќе победат на изборите.

To top