Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 6 август.
Денеска е Преображение Господово.
Празникот Преображение по својата смисла и значење за човечкиот род е еден од централните христијански празници. Се базира на настанот на Христовото преобразување, т.е. покажување на неговата божественост пред најблиските ученици Петар, Јаков и Јован на Таворската Гора кратко време пред неговото страдање во Ерусалим.
Важноста на овој настан за човечкиот род е одлично искажана во зборовите што апостол Петар ги кажува во некакво изумување, а кои сведочат за значењето на непосредниот однос на човекот со Бога.
Тие зборови се: Господи, добро ни е овде.
Во црквата смислата и значењето на празникот секогаш најдобро се искажуваат во тропарот на денот, кој за овој празник гласи: Си се преобразил на гората Христе Боже, покажувајќи им ја својата слава (божественоста) на твоите ученици, колку што можеа да примат; и нам грешните да ни заблеска твојата вечна светлина, т.е. светлината на вистинското знаење, богопознание.