Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова и со тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри во Париз што ќе се одржат од 28 август до 8 септември.
Наковска Бикова ќе биде единствената македонска спортистка на Параолимпијадата во Париз. Министерот Ристовски на средбата пред заминувањето за Париз, на Наковска Бикова и посака успешен настап и медали на претстојната Параолимпијада.
-За мене претставува чест и задоволство оваа средба со спортисти кои гордо ја претставуваат Македонија на најголемите светски борилишта. Верувам дека како и секогаш, ќе бидете достојна претставничка на Македонија и на претстојните Параолимписки игри во Париз. Ви посакувам успешен настап и да не израдувате со медали од Париз, рече министерот Борко Ристовски на средбата со Оливера Наковска Бикова.
Прославената македонска параолимпијка во Париз ќе настапи во три стрелачки дисциплини. Нејзините настапи се на 31 август, 2 и 4 септември.
Најголемиот успех во досегашните настапи Оливера Наковска Бикова го оствари на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година на кои го освои златниот медал во дисциплината 10 метри воздушен пиштол. Освен Наковска Бикова, медали од параолимписките игри на Македонија и донесоа уште двајца наши натпреварувачи во стреалчките дисциплини – Бранимир Јовановски освои злато на Параолимписките игри во Барселона во 1992 година, а Ванчо Каранфилов се закити со сребрен медал на Параолимписките игри во Атина во 2004 година.