Украинската разузнавачка служба откри и разби руска шпионска мрежа и уапси девет мажи за кои рече дека биле вклучени во операцијата, соопшти денеска агенцијата.
Разузнавачката служба СБУ во Киев откри дека руската разузнавачка агенција регрутирала потенцијални оперативци преку страница за разговор на платформата Телеграм во шест региони на Украина.
Овие оперативци требаше да пренесат информации за критична инфраструктура и воени цели. СБУ ги набљудуваше шпионите некое време пред да преземе акција. Меѓу уапсените се и двајца општински службеници од Днипро и Јужне во областа Одеса. Тие беа регрутирани затоа што беа активни како „коментатори“ во про-Кремљ разговори. Дополнително, идентификуван е и нивниот управувач од домашната руска Федерална служба за безбедност (ФСБ), пренесе ДПА. (МИА)