Јавниот сектор е комплексен и опфаќа различни групи и подгрупи на работните места и соодветно, овие разлики предизвикуваат различни начини на пресметка на плата, кажа заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески на вчерашната прва јавна дискусија „Сите заедно за професионална и јавна администрација“ организирана од Центарот за управување со промени во соработка со Министерство за јавна администрација, а во рами на проектите „Преосмислување на управувањето“ кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје и „Поттикнување на добро управување и реформа на јавната администрација“ кој е поддржан од НЕД (National Endowment for Democracy).
На прашањето каква е визијата на Министерството за економија и труд за соработка за системот на плати со оглед на тоа дека различни органи на државна управа платите се обидуваат и ги уредуваат со колективни договори, заменикот кажа дека платите во моментов се утврдуваат во материјални закони, правилници, одлуки и колективни договори. Постојат разлики во пресметките, односно некаде платите се пресметуваат врз основа на бодови, а некаде со пресметување на коефициенти на сложеност. Дополнително, овие различности се усложнуваат со доуредувањето на платите со колективните договори, што е состојба која особено дојде до израз во последните две-три години, кога голем број на субјекти од јавниот сектор склучија колективни договори на ниво на работодавач. Ова доведе до тоа да вработени од иста група или подгрупа, во различни институции, а некогаш дури и во исти институции, да имаат различни плати, во зависност од тоа дали платата ја примаат по материјален закон или по колективен договор, што предизвика огромно незадоволство на вработените во јавниот сектор.
„Од друга страна, правото на колективно договарање е содржано и во Уставот, како начин на кој, покрај со закон, се уредуваат правата и обврските од работен однос. Значи, ова право останува и понатаму.Она што ќе треба да го правиме, е сите релевантни институции, а првенствено со Министерството за јавна администрација, да соработуваме на начин со кој ќе се овозможи воедначена и правична пресметка на плати за вработени на исти работни места во јавниот сектор, но истовремено да се внимава на трошењето на средства од буџетот, односно да се оневозможи преземање на обврски за кои не се обезбедени финансиски средства од Буџетот“, кажа заменик министерот Ристески.
Во однос на идната соработка на Министерството за економија и труд со синдикатите, со оглед на постојаниот притисок од различните синдикални здруженија во однос на платите на вработените во дејностите кои работат во институциите од јавниот сектор, заменик министерот Ристески кажа дека со формирањето на Економско социјалниот совет (ЕСС) од 2010 година како трипартитно тело, составено од претставници на Владата на Република Северна Македонија (ВРСМ) и социјалните партнери (Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на национално ниво се воспостави законска рамка, но и позитивна пракса за водење на социјален дијалог, за сите битни прашања од економската и социјалната сфера. Ова беше и основата за трипартитноста во креирањето на политиките и во областа на платите. Во изминативе 14 години, ЕСС се покажа како незаменлив форум за размена на мислења и консултации околу најважните економски и социјални прашања.
„Преку дијалог во ЕСС се постигна договорот за донесување на првиот Закон за минимална плата во 2012, и сите понатамошни измени со кои се предвидуваше зголемување на минималната плата. Преку ЕСС, Владата се консултира во однос на сите економски политики и политики за вработување, вклучително и стратешките документи и оперативни планови од областа на вработувањето. Пред ЕСС поминуваат сите позначајни закони кои ги засегаат работниците, вклучително и вработените во јавниот сектор. Оттука, и во иднина мораме да продолжиме да соработуваме со сите институции, но и со синдикатите и работодавачите, при утврдувањето на платите, начинот и методологијата на пресметка на платите. Доколку сакаме да промовираме градење консензус и демократско вклучување на главните чинители во областа на трудот, потребни ни се структури и процеси за социјален дијалог кои имаат потенцијал да решат важни економски и социјални прашања, да го поттикнат доброто владеење, да го унапредат социјалниот мир и економската стабилност, а со тоа и да го поттикнат економскиот напредок“, додаде Ристески.