Ограбена држава – СДС и ДУИ да одговорат каде завршиле парите од незаконското работење на фирмите за игри на среќа, рече на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Лотарија без лиценца издава лиценци на две фирми блиски до СДС и ДУИ, едната од Скопје една од Струмица и со години овие две фирми должат на државата пари од своето незаконско работење. За чиј џеб работеле и кој ги прикривал се прашања на кои СДС и ДУИ треба да и одговорат на јавноста. Двете друштва не платиле ниту една од давачките по основ на повеќе закони во период од неколку години со што ja оштетиле државата.
Воедно, едно од друштвата е формирано во 2022 година и од тогаш не платило ништо, иако има обврски кои произлегуваат од Законот за игри на среќа и од законите за одредени даноци.
Во 2021 година МВР ја информираше јавноста дека е спроведена акциска контрола и од слобода лишиле 13 лица кои без лиценца приредувале игри на среќа во Тетово. Како МВР тогаш успеало да ги пронајде сторителите, а за овие две фирми да нема постапка? Дали овие лица кои биле санкционирани не ја делеле заработувачката со врвот на СДС и ДУИ па затоа биле санкционирани, додека овие другите две фирми умешно соработувале со институциите и биле под нивна закрила?
Владеењето на СДС и ДУИ преку ваква политичка контрола покрај тоа што беше секојдневие, истовремено го оштетуваше и буџетот на државата до невидени размери.
Ова е моделот како СДС и ДУИ работеа со години во институциите и за ова одговорност мора да има, порача Митева.