Свет

Околу 200.000 деца на Нов Зеланд биле злоупотребени во државните и верските институции

Околу 200.000 деца на Нов Зеланд биле злоупотребени во државните и верските институции

Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон денеска се извини и вети реформи откако истрагата покажа дека околу 200.000 деца, млади луѓе и ранливи возрасни лица биле злоупотребувани во државните и верските институции во изминатите 70 години.

Според извештајот на Кралската истражна комисија, речиси секое трето дете и ранливо возрасно лице, кои биле згрижени од 1950 до 2019 година доживеале некаква форма на злоупотреба.

– Ова е мрачен и тажен ден во историјата на Нов Зеланд како општество и како земја, требаше да знаеме подобро и решен сум дека ќе го направиме тоа, посочи Луксон.

Истрагата утврди низа злоупотреби во државните и верските институции за грижа, вклучително силување, стерилизација и електрошокови, особено во 70-тите години од минатиот век. Посебно ранлива на злоупотреби била домородната заедница на Маорите, како и лицата со ментална или физичка попреченост.

Во извештајот се посочува дека институциите се обидувале да ја прикријат злоупотребата со преместување на насилниците на други работни места или со негирање на вината, при што многу жртви починаа пред да ја добијат правдата.

Национален срам е што стотици илјади деца, млади и возрасни во државните и верските институции се злоупотребувани и запоставени, се наведува во извештајот, во кој се дадени 138 препораки, вклучително и повик за јавно извинување од Владата на Нов Зеланд, како и од поглаварот на Католичката и на Англиканската црква, папата и надбискупот од Кентербери.

Католичката црква на Нов Зеланд соопшти дека внимателно го разгледува извештајот и оти по нивната анализа ќе преземе чекори.

Додека Англиканската црква во Нов Зеланд наведе дека признава вина и презема целосна одговорност.

Најнови вести од Свет

To top