Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека никој не освоил апсолутно мнозинство на изборите на почетокот на јули и затоа „ничија програма не може да се спроведе“.
Тој со тоа де факто го отфрли предлогот на победникот на вонредните парламентарни избори – левичарската коалиција Нов народен фронт, кој денеска договори кандидат за премиерската позиција што ќе му го предложи на Макрон.
Тоа е малку познатата Лиза Касте (37) која се занимава со унапредување на јавниот сервис и борба против пензионирањето на 64 години. Коалицијата ја опиша како „висок државен службеник која работи во борбата против даночната измама и финансискиот криминал“. Касте сега е директор за финансии и набавки на една париска општина.
Во интервју за францускиот јавен телевизиски сервис Франс 2, Макрон рече дека „никој не може да ја спроведе својата програма: ниту Новиот народен фронт, ниту мнозинството во заминување, ниту републиканската десница“.
Тој смета дека затоа „одговорност на тие партии е да направат нешто што го прават сите европски демократии, што не е во наша традиција, но што, верувам, е она што го очекуваат нашите сонародници, а тоа е да бидат на висина на задачата и одговорноста што Французинките и Французите им ја дадоа“, рече Макрон, додавајќи дека треба да направат компромиси.
Претседателот на тој начин повика на компромис, особено политичките сили на „републиканскиот фронт“ кои ја блокираа победата на екстремната десница на парламентарните избори, да бидат „дораснати на она што го направија во периодот меѓу двата круга“ на изборите.
Макрон рече дека до средината на август е неопходно да се фокусираме на Летните олимписки игри чиј домаќин е Париз, „а потоа моја одговорност ќе биде да назначам премиер и да му ја доверам задачата да формира влада и да има најширока поддршка што ќе овозможи да делува и да има стабилност“.
Центристичкиот табор на францускиот претседател го загуби мнозинството во Парламентот на вонредните парламентарни избори во јуни и јули, кои тој ги свика ненадејно, разочаран од резултатите на својата групација на јунските европски избори. Сепак, ова му донесе тешко решлива поделба на Националното собрание – долниот дом на францускиот парламент – на три блока. Секој од нив е далеку од апсолутно мнозинство потребно за независно владеење и, се чини, тие се исто така многу далеку од тоа да можат да формираат сојузи во кои сега ги поканува Макрон.
Макрон ја прифати оставката на владата на својот премиер Габриел Атал, кој до изборот на нов работи во „технички мандат“ – актуелни работи, со ограничена политичка улога.