Светата великомаченичка Ефимија
Оваа светителка се празнува на 11 септември, на денот кога пострада. На ова место пак се спомнува чудотворноста на нејзините чесни мошти, пројавена на IV Вселенски Собор во Халкидон. Овој Собор беше свикан во времето на царот Маркијан и царицата Пулхерија во 451 година, по смртта на царот Теодосиј Помладиот. Повод за свикување на Четвртиот Собор беше ереста на Диоскор, патријарх Александриски, и на Евтихиј, архимандрит Цариградски. Тие го распростираа лажното учење дека во Христа да немало две природи, човечката и Божествената, туку само една, Божествената. На овој Собор највидна улога играа цариградскиот патријарх Анатолиј и ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Бидејќи со препирања и докажувања од две спротивни страни не може да се дојде до никакво одредено решение, патријархот Анатолиј предложи и православните и еретиците да го напишат своето исповедање, па да ги положат во ковчегот со моштите на Света Ефимија. Со ова се согласија сите. Двете вероисповедања, значи, беа напишани и ставени на градите на великомаченичката, ковчегот беше затворен и запечатен со царски печат и уште беше поставена војничка стража. Тогаш сите поминаа три дена во пост и во молитва. Четвртиот ден, кога го отворија гробот, го видоа православното исповедање во десната рака на светителката, а еретичкото под нејзините нозе. Така спорот се реши со Божја сила во корист на Православието. Во времето на царот Ираклиј моштите на Света Ефимија беа пренесени од Халкидон во Цариград, во црквата што ? е посветена, близу хиподромот. Иконоборниот цар Лав Исавријанин нареди и ги фрлија моштите во морето; но на чудесен начин ковчегот беше пренесен на островот Лимнос и положен во црквата на Светата маченичка Гликерија. Дури во времето на царицата Ирина ковчегот со моштите беше повторно вратен во Цариград на своето старо место. Од овие мошти одвреме навреме течеше крв, којашто им помагаше на болните и на неволните.
Тропар
Жив е Господ и жива си ти, света Ефимијо, која не го остави стадото Христово, не само што за гревот на ближниот пред Бога се застапуваш, туку за покривање на падовите во Црквата милост имаш. Нетленото твое тело во вековите, Бог по твоите молби го остави на верните, чуда Љубовта преку него подаваше, и од застранување народот кон Христа го приведуваше.
Света Елена
Велика руска кнегиња, пред крштението се викаше Олга. Жена на кнезот Игор. Крстена е во Цариград од патријархот Полиевкт. Голема ревнителка на православната вера во Русија. Се упокои во 969 година.
Тропар
Воскликнува денес Црквата Христова: благословена си ти, Елено света, меѓу руските жени, бидејќи ја остави темнината а ја побара вистинската светлина, го отфрли идолското многубоштво, а Го засака вистинскиот Бог, Кој со мудрост и разум те обдари, и како кандило несогорливо те испрати, да ги просветлиш оние кои живееја во смртна сенка. Радувај се и за нас моли се, мајко света праведна.
Преподобниот маченик Никодим
Родум од Елбасан. Беше женет и имаше деца. Намамен од Турците го прими исламот и насилно ги преведе своите деца во ислам, освен еден син којшто му побегна на Света Гора и се замонаши. Никодим отиде на Света Гора за да си го врати синот назад, но Света Гора на него изврши таков впечаток, што самиот се покаја, се врати во верата Христова и се замонаши. Три години го оплакуваше своето отстапништво, па најпосле реши да се врати во Албанија, да го окае својот грев таму каде што го изврши. Се врати значи, изјави пред Турците дека е христијанин и беше заклан на 11 јули 1722 година. Неговите чудотворни мошти и денес лежат цели и целебни.
Тропар
Денес сите воскликнуваме: по твоите молитви свети, о Никодиме, да се удостоиме Царство Небесно да добиеме. Ти кој бродолом духовен претрпе, со благодатта Господова повторно се искачи на гората на спознанието, и Христос те пресретна примајќи го твоето покајание кое со венец маченички го запечати. Затоа радувај се, од нас денес слушни, оче преподобен.
Преподобниот маченик Нектариј
Родум од Вриул во Мала Азија. Во седумнаесеттата година насилно потурчен. Имаше слична судбина како Свети Никодим. Кога како Турчин ? се јави на мајка му, таа му свика: „Оди си од мене, не те познавам. Јас те родив како христијанин, а не како Турчин.“ Тој горко се покаја, отиде на Света Гора и се замонаши во скитот на Света Ана. Решен да загине за Христа и да се очисти од својот грев, отиде пак во Вриул, каде што пострада. Заклан од Турците заради Христа во местото на своето раѓање, во дваесет и првата година од неговиот живот, на 11 јули 1820 година.
Тропар
Благодатта Христова ја приведе кон тебе силата на спознанието, о Нектарие свет покајниче, а таа го запали огнот на исповедништвото, о свет мачениче, кој ја изми нечистотијата на лагата, и кон Господа ја приведе душата твоја очистена. Оттаму сега за нас моли се, свет и достоен мачениче.