Македонија средби со државниот врв

Столтенберг во дводневна посета на Скопје

В среда во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска попладне пристигнува во дводневна посета на Скопје, во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.

Официјалната посета, како што е најавено, Столтенберг ќе ја започне во Владата проследена со заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски. Генералниот секретар на НАТО, попладне ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132. седница, по што ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.

В среда во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.

Турнејата низ регионот Столтенберг ја започне од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово. Денеска Столтенберг престојува во Србија, од каде попалдне ќе допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан.

Од МВР информираат дека денеска и утре, поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации, ќе има посебен сообраќаен режим на поширокото градско подрачје во Скопје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците.

To top