Република

Одржан состанок на Локалниот совет за превенција во просториите на општина Охрид, со цел анализирање на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов

Одржан состанок на Локалниот совет за превенција во просториите на општина Охрид, со цел анализирање на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов

Денеска (23.07.2024), на иницијатива на СВР Охрид и локалната самоуправа во просториите на општина Охрид, состанок одржа Локалниот совет за превенција и Штабот за заштита и спасување на општина Охрид.

Целта на средбата беше анализа на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов, поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, зајакнување на комуникациите и координацијата помеѓу надлежните субјекти што стопанисуваат и управуваат со шумите и други мерки за нивна поефикасна заштита од пожари.
Според изнесените податоци, на подрачјево не се регистрирани пожари од пошироки размери во шумските појаси, а според статистиката на претставниците на СВР Охрид во првата половина од 2024 година, пријавени се 20 пожари на отворен простор на нискостеблести предели -стрништа и ниви, случени во општините Охрид и Дебарца.
Ова значи дека е зголемен бројот на пожари бидејќи споредбено со минатата 2023 година, на подрачјето на општина Охрид и Дебарца биле пријавени вкупно 20 пожари на отворен простор.
Оттука, на денешниот состанок беше одлучено да се интензивираат превентивните мерки и да се оформат посебни мобилни тимови составени од членови на надлежните служби кои, ќе вршат патролирање низ шумските појаси во Охрид и Дебрца, ќе се продолжи со мониторинг на теренот и континуирано следење на состојбите, ќе се интензивираат контактите со месните заедници и месното население, со ловните друштва.

Акцент беше ставен на значењето на доброволните противпожарни друштва и нивното значење за првично сузбивање на шумскиот пожар се до доаѓањето на професионалната Територијална противпожарна единица како и на потребата од поголем обука и опременост на членовите на доброволните противпожарните друштва кои ги има на подрачјето.
На состанокот беше заклучено дека е потребно вклучување на сите расположливи капацитети и опрема што може наменски да се користат за контрола, превентива и заштита на шумите од пожари, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.

Денешниот состанок на Локалниот совет за превенција, доаѓа поради зачестените регистрирани пожари на подрачјето во кои е опожарена нискостеблеста вегетација, депонии, стрништа. Претставниците на надлежните субјекти, упатија апел до граѓаните, посебно до земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови, од кои лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери и да предизвикаат значителна имотна и материјална штета.

СВР Охрид посебно ги нагласи казнените законски одредби и потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни пријави.
Беше одлучено и поинтензивно актуелизирање на препораките за заштита од пожари, со цел населението да биде подобро информирано за актуелните препораки за заштита од пожари. На координативниот состанокот покрај претставници на Општина Охрид и СВР Охрид, присутвуваа претставници на Регионалниот центар за гранични работи – Запад, Територијалната противпожарна единица Охрид, НП „Галичица“, ЈП „Национални шуми“- подружница „Галичица“, претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, претставници на Шумската полиција, претставници на Црвен крст, Планинската спасителна служба и Здравствен дом Охрид.

To top