Македонија

Собранието расправа за избор на заменици министри, расправата ќе продолжи по редовната пладневна пауза

Собранието расправа за избор на заменици министри, расправата ќе продолжи по редовната пладневна пауза

Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 11-тата седница ја започна расправата за избор на заменици министри во Владата. Во образложението за предложените заменици министри, премиерот Христијан Мицкоски рече дека со нивниот избор треба да се зацврсти стабилноста на Владата.

-Не побарав меден месец, ниту 100 дена грејс период каков што имала секоја влада, затоа што верувам во капацитетите на оваа Влада и она што можеме да го направиме за народот. Навистина е тешко, наследивме опљачкана држава, но ќе победиме, ќе создадеме промени и ќе донесеме подобри денови за граѓаните. Ова е ново време на надеж, граѓаните ги чекаат подобри денови. Со изборот на замениците на министрите нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт. Новите заменици ќе работат активно, ќе имаат задача да креираат иновативност. Многу од нив се млади луѓе кои ќе донесат свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани, рече Мицкоски.

Ги повика новите заменици да не го разочараат народот и да работат чесно и одговорно. Рече дека нема да толерира неработа и непринципиелност.

-Со новиот состав на Владата, ќе продолжиме со поддршка на економскиот раст и развој. Овие луѓе ќе имаат значајна улога во креирање и имплементација на политики, кои ќе поттикнуваат инвестиции и ќе создаваат нови работни места. Еден од приоритетите на новиот состав на Владата ќе биде и подобрување на меѓународната соработка. Новите заменици на министри ќе работат активно на јакнењето на нашите односи со партнерите и пријателите во странство. Тие ќе имаат задача да поттикнуваат иновации и да креираат можности за младите. Нивната работа ќе биде насочена кон создавање на поволни услови за развој на нови технологии и стартапи, рече Мицкоски.

Замениците на министрите, посочи, ќе работат на остварување на подобра соработка меѓу институциите и граѓаните, како и на промовирање на инклузивни политики кои ќе го подобрат животот на сите наши сограѓани.

-Верувам дека новите лица во политиката можат да донесат свежи идеи и енергија. Многу од замениците на министрите се млади и амбициозни луѓе кои ќе внесат нова динамика во работата на Владата. Уверен сум дека овие заменици на министрите ќе ја оправдаат довербата која ја добиваат и ќе работат неуморно за доброто на сите граѓани, потенцира Мицкоски.

Даниел Стојчевски од ЗНАМ во општата расправа рече дека години наназад го слушале крикот на граѓаните и затоа, потенцира, денеска се наоѓаме пред сериозен предизвик да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат.

-Денеска народот ни живее сиромашно. Имаме над 600 илјади раселени луѓе, а единствената желба на младите луѓе е како да го најдат патот за надвор од земјава. Затоа имаме историска можност да ставиме крај на лошата пракса во изминатите 30-тина години и Македонија да зачекори по вистинскиот пат, но како Македонци како што и заслужуваме, рече Стојчевски.

Нагласи дека во Владата ќе има и два заменици министри од ЗНАМ.

Амар Мециновиќ од Левица во реплика рече дека допрва ќе видиме дали и оваа Влада ќе се приклучи на владите кои и донесоа агонија за Македонија и додаде дека во оваа Влада има претставници од сите претходни владеења.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да ги коментира предложените кадровски решенија, но додаде дека е задоволна затоа што има пет жени предложени за заменици министри.

-Вашата улога како заменици е еднаква со онаа на министрите, зошто, затоа што треба да им бидете десна рака на министрите, рече Ласовска.

Според неа, замениците заедно со министрите треба да го трасираат патот кон кој ќе се движи земјава.

Бојан Стојаноски исто така од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е особено важно да се комплетира владиниот кабинет токму со замениците на министри.

-Секој од нив е именуван за да ги придвижи нештата кон позитивна насока. Со нивното именување министерствата треба да бидат операционализирани за да можат да ги слушаат граѓаните и да ги администрираат нивните барања, рече Стојаноски.

Дафина Стојаноска од истата партија посочи дека предложените кандидати за земници министри кои лично ги познава нема да ги разочараат граѓаните. За останатите кои не ги познава рече дека им посакува да бидат сериозни во пристапот кон работните задачи и одговорни кон граѓаните.

Халил Снопче од ВРЕДИ рече дека кандидатие на нивната Коалиција се универзитетски професори професионално подговени.

-Тоа се чисти и чесни луѓе без дамки во кариерата кои ќе придонесат за успешно работење на Владата. Овие истакнати кандидати ги претставуваат највисоките вредности на достоинство, професионализам и надеж. Со докажано резиме на интегритет и посветеност кон јавното добро, и без никаква дамка на корупција, нашите кандидати се подготвени да донесат опипливи и позитивни промени, посочи Снопче.

По неговото излагање претседателот на Собранието Африм Гаши даде пауза до 15:30 часот по што ќе продолжи расправата за избор на заменици министри во Владата. Новите заменици министри треба да бидат избрани во текот на денов.

За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

За заменик-министер во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини. Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на Науки по Кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.

За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Деребан е магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Од 2014 година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.

За заменик-министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на Општина Шуто Оризари. Потоа бил дел од македонското собрание како пратеник, а од 2006 до 2017 година е назначен за Министер без ресор – Национален координатор на Декадата и Стратегија за Ромите.

За заменик на министерот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се предлага Зоран Димитровски. Димитровски е магистер на политички науки, а има долгогодишно работно искуство во медиумите, како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик министер за локална самоуправа.

За заменик-министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. Трајков завршила на Универзитет Св. Климент Охридски Битола, и се здобила со титулата доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а од 2019 година е избрана за доцент на Универзитет Скопје.

За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски. Јанкуловски е доктор на економски науки, а во моментот е редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.

За заменик на министерот во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески. Ристески е дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на Општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.

За заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во Корпорацијата Теламон.

За заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети. Беџети е професор по политички науки на Универзитет Мајка Тереза Скопје. Тој има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментов е раководител на одделение за претставки и предлози, Правен сектор.

За заменик на министерот во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Андовски е дипломиран економист, од 2011 до 2017 година бил заменик министер за здравство. Тој бил В.Д. Директор на Секретаријатот на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN.

За заменик-министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Алиу е доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот Методика на наставата по албански јазик, Литература за деца на Педагошки факултет „Свети Климент Охридски” Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј – Скопје”. Од 2023 до 2024 година бил продекан.

За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски. Велковски е дипломиран економист. Има долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил Секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.

За заменик-министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. Селими е магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година бил советник во Советот на Град Скопје.

За заменик-министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани. Сулејмани има завршено Педагошка Теологија на Универзитет Улудаг – Бурса во Турција. Бил заменик министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.

За заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. Настасијевиќ Варџиски е магистер на економски науки – отсек маркетинг менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.

За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правен факултет – Кичево, Универзитет Св. „Климент Охридски“ Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.

За заменик на министерот во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири. Зеколи Шаќири е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот Мајка Тереза, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.

За заменик-министер во Министерството за животна средина и просторно планирање се предлага Ане Лашкоска. Лашкоска дипломирала на Природно математичкиот факултет во Скопје и се здобива со титулата инженер по хемија. Лашковска долги години беше пратеник во Собранието.

За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини. Садики Шаини е инженер по информатика на Природно – математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012 до 2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот Мајка Тереза.

To top