Осум израелски професори по медицина повикаа на прекин на огнот во Газа по откривањето на детска парализа во примероците од отпадните води во енклавата, истакнувајќи дека Палестинците и израелските војници се изложени на ризик од детска парализа.
Во написот објавен во израелскиот весник Хаарец, професорите истакнаа дека откривањето на вирусот на полио во Газа „е потсетник дека патогените и токсичната изложеност не познаваат граници“. Полиомиелитисот може да се шири со недели од заразени луѓе кои немаат симптоми. Познати се катастрофалните последици од оваа болест, вклучувајќи парализа, долготрајна инвалидност и смрт“, пренесе Ал Џезира.
Експертите велат дека одговорот на заканата од високо заразниот полиовирус мора да биде координиран и сеопфатен. (МИА)