Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска беа на планината Серта, каде изминатите денови се справуваме со активен пожар од голем размер.
“Состојбата е значително подобрена, но се уште има жаришта кои горат, како што е жариштето зад военото стрелиште Пенуш во правец на Криволак. Благодарност до сите што учествуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија нашата Македонија. Вашата пожртвуваност и напорна работа се непроценливи. Посебна благодарност до Даре, доброволец од Дирекцијата за заштита и спасување, кој денеска при гаснењето на пожарот ја скршил раката, но и покрај тоа остана со своите колеги до крајот на денот. Даре е вистински херој и пример за сите нас, а неговата храброст и посветеност инспирираат“, рече министерот Тошковски.
Министерот Тошковски исто така беше и во селото Пухче, кое се наоѓа од другата страна на Серта во правец на Штип, каде исто така има пожар.
„Апелирам до сите граѓани да избегнуваат движење во шумите и секое сомнително движење или сомнителна активност од било кого да го пријават во полиција. Шумите се нашето природно богатство и заедно треба да ги чуваме и штитиме.“, потенцираше министерот Тошковски.