Членовите на Демократската партија на САД го одложија гласањето за именување на актуелниот претседател на САД Џозеф Бајден за кандидат за шеф на државата. Се повеќе демократи се сомневаат дека Бајден треба да излезе на избори, бидејќи сметаат оти неговите шанси за победа се мали, пишува „Њујорк тајмс“.
Дури и поранешниот преседател и еден од лидерите на демократите, Барак Обама е сомничав за реизборот на Бајден. Според некои извори, Бајден може да се повлече од трката во наредните денови.
Според „Њујорк тајмс“ поддржувачите на Бајден продолжуваат да работат со делегатите на Демокатската национална конвенција за да ја добијат нивната поддршка за двобој со Трамп. Наводно, поголемиот број делегати и понатаму гласа за Бајден, но се поголем е бројот на оние кои се песимисти за неговата победа во ноември, на преседателските избори. Наведуваат дека рејтингот на Бајден опаѓа, а и неговиот јавен настап е се послаб.
Иако Бајден инсистира дека неговата кампања да се одвива нормално, последните денови и самиот претседател почнал сериозно да ги разгледува аргументите зошто треба да се откаже од кандидатурата за реизбор.
Како што пишува„Вашингтон пост“, повикувајќи се на повеќе извори, и поранешниот преседател Барак Обама смета дека шансите за победа на Бајден се значително намалени и тој треба сериозно да размисли за одржиоста на својата кандидатура.
Обама во своите разговори јасно става до знаење дека иднината на кандидатурата на Бајден е одлука која мора претседателот сам да ја донесе, пишува „Вашингтон пост“.
Истовремено, Обама е загрижен поради анкетите кои покажуваат дека донаторите на Бајден се повлекуваат. Еден од демократите предвидува дека Бајден ќе се повлече од претседателската трка викендов. Порталот „Аксиос“, повикувајќи се на извори во Демократската партија, пренесува дека Бајден би можел да се повлече на 20 или 21 јули, поради притисок на членовите на партијата.