Еден од најдобрите стрелци во историјата на Манчестер Јунајтед, Холанѓанецот Руд ван Нистелрој (48) се враќа на „Олд Трафорд“ во улога на помошник на тренерот на „црвените ѓаволи“ и негов сонародник Ерик тен Хаг.
Иако Јунајтед минатата сезона заврши на осмото место на табелата во Премиер лигата, што е нивна најлоша позиција од 1990 година, Тен Хаг потпиша продолжување на договорот до лето 2026 година, а сега на клупата до него ќе седи клупска легенда.
-Заедно со Ерик ќе работиме на засилување на нашиот прв тим во сите области. Освежувањето на стручниот кадар е важен дел од тој процес. Задоволство е да му посакам добредојде на Руд при неговото враќање во клубот каде што имаше толку многу успеси како играч, изјави спортскиот директор на Јунајтед, Ден Ешворт.
Ван Нистелрој играше за Манчестер Јунајтед од 2001 до 2006 година и во тој период постигна 150 голови на 219 натпревари во сите натпреварувања.
Во улога на тренер Ван Нистелрој го предводеше ПСВ од Ајндховен до второто место во холандскиот шампионат во сезоната 2022/23.