На седница на партискиот Централен одбор што се одржала вчера, ЗНАМ – За наша Македонија едногласно ги утврдила кандидатите за двајца заменици министри во Владата во министерствата за дигитална трансформација и за енергетика и рударство.
Како што соопшти портпаролот на партијата Никола Мемов на прес-конференција денеска, за кандидат за заменик-министер за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии, роден во 1982 година, кој има работно искуство во неколку корпорации на различни позиции.
За кандидат за заменик-министер за дигитална трансформација од ЦО на ЗНАМ е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки, отсек маркетинг и менаџмент, роден во 1987 во Куманово каде извршувал неколку функции во Општината.
Партијата на Максим Димитриевски во новата Влада има две министерски места – Горан Минчев е министер за јавна администрација и Игор Филков – министер за правда, а потпретседателката на ЗНАМ Весна Бендевска е потпретседателка на Собранието на Северна Македонија.
На новинарско прашање дали ЗНАМ, како што укажа и претходно, ќе реагира откако членови на Владата од коалицијата „Вреди“ во државните институции повторно истакнуваат знаме на Албанија, портпаролот Мемов рече дека ЗНАМ „ќе има улога на коректор на Владата“ и очекува институциите да преземат мерки за кршење на законите.
Нагласи дека Движењето ЗНАМ во разговорите со партнерот ВМРО-ДПМНЕ за нивното учество во Владата ги дефинирало основните принципи и начела за функционирање на Владата.
-Тоа се почитување на Уставот и законите како основен приоритет, а исто така и принципот сите министри да работат на имплементација на владината програма, да одговараат единствено пред Владата и премиерот, а не како досега да спроведуваат сопствени партиски програми. Движењето ЗНАМ го отвори ова прашање во рамки на владината коалиција. Очекуваме институциите на системот да си ја вршат својата работа и да преземат соодветни мерки околу кршење на законите, без разлика од која страна доаѓаат тие прекршувања, истакна Мемов на прес-конференцијата.