Новото парламентарно мнозинство продолжува со исполнување на предизборните ветувања, рече на денешната прес-конференција пратеникот Бојан Стојаноски.
На денешната пленарна седница ќе бидат разгледувани 10 закони од областа на енергетиката, рударството и минералните суровини со кои новото Министерство станува оперативно, а и се укинуваат одредени институции што беше и наше предизборно ветување. Имено, со овие измени Агенцијата за енергетика нема повеќе да постои. Надлежностите и вработените ќе бидат преземени од Министерството, а нема повеќе да има директор и управен одбор. Во оваа насока во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се разрешува постојниот управен одбор и повеќе нема да постои овој орган. Надлежностите на управниот одбор преминуваат кај Министерството и Директорот. Накратко, укинуваме два Управни одбори, еден директор и една институција. Со останатите закони надлежностите од досегашното Министерство за економија од областа на енергетиката, минералните суровини и рударството преминуваат во новото Министерство согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа кој се донесе со двотретинско мнозинство, истакна Стојаноски.
Овие законски измени се предуслов за исполнување на стратешката определба на Владата за енергетска независност на државата, а тоа ќе значи и пониски сметки за струја за домаќинствата, додаде тој.