Точно два месеци од изборите, победата на опозицијата, и дебаклот на власта. Секој кој малку знае како функционира една држава свесен е дека примопредавање на власта, посебно кога се менува во целост трае и шест месеци, понекогаш и цела година.
На крајот на краиштата, од соопштувањето на победникот, па до формирање на владата, треба месец, до месец и пол. Фасцинантно е што одредени ликови, па и носители на политички функции, кои до вчера беа власт, не пропуштија можност за се што се случува во државата, да ја обвинат структурата која се уште не ги презела “сите конци во свои раце“.
Да не заборавиме: Влада имаме точно две недели. Во меѓувреме, од многумина чув од што се не се задоволни од новата власт. Генијално. Не се променети ниту 10 отсто од раководните и директорски места, се уште нема заменици министри, летни одмори се, а веќе има незадоволни. Браво!
Интересно е што има стотици и илјадници кои сакаат/чекаат нови работни места, унапредувања, кариерен раст. И на сите им се брза. Одлично! Како да се заборави дека цела кампања се зборуваше за домаќинско работење, за справување со криминалот, непотизмот, за воспоставување на Мерит систем, и дека секој кој се огрешил ќе мора да одговара.
Од еднаш, тие кои краделе се прават луди, изненадени се што треба да им се водат постапки и да сносат одговорност, шокирани што некој сака да ги смени. Високи раководители по министерства кои со прст не мрднале „као“ збунети што треба да отстапат место, затоа што не рабеле ништо или злоупотребувале. Оние платениците, кои до последно се пењавеа за „северџанењето“ и сите злоупотреби и во Собранието и во Владата, а не гледаа криминали, одеднаш бараат одговорност и отчетност, а се уште нема промена на власта.
Најинтересни ми се оние кои сметаат дека нешто им следува, или сега треба да наплатат. Мој совет е да истото го бараа лично од оној кој истото им го ветил.
Искрено, порано мислев дека „мучките“ во основа ги прават строго оние најгоре, министрите и директорите. Како поминува времето, се повеќе сфаќам дека исклучително значајна улога играа еден дел од „професионалците“ преку кои пора се да помине, да се потпише, да се одобри. Тие не одговараат пред јавноста, не пополнуваат анкетни листови, не се правдаат пред камери, а гледам дека дел од нив живеат комотен и гламурозен живот. Куќи, станови, големи коли, скапи одмори… браво „дечки“ (и „госпожи“ секако)!
Народе! Промената секогаш почнете на од себе. Живеам во голема зграда со над 100 станови. Има луѓе кои се одговорни, добри, скромни, има и ликови кои се однесуваат дека се главни и покажуваат надменост и ароганција. Проблемот е што им ќутиме неретко на овие вторите и што не одиме до крај истите се санкционираат. Токму тоа е Западот! Не дозволува да агресивниот и нападниот се изживува со другите. Така да, за почеток барајте ред!
Не дозволувајте да ве заслепат хиените кои живеат од сплетки и роварење. Дека во голема мерка знаете да оцените кој каков е, по мене се и дебатните емисии на кои и самиот учествувам, и како ги правите бербат одредени ликови кои ставовите ги менуваат од недела за недела, релативизираат се’ живо, или агресивно напаѓаат.
Не дозволувајте личното незадоволство да ви ја помати перцепцијата за она што треба да биде општествен „ресет“, реформи, справување со криминалот и закрепнување на државата.
Македонија изгуби многу од независноста до денес, посебно изминатите седум години. Се разрушија темелите на институциите, плус бевме обезличени и унаказени како македонски народ, и севкупно нацијата.
Работата ќе биде тешка и макотрпна. Одговорноста ќе мора биде индивидуална и по заслугите или престапите. Научете да се борите со дела, не со сплетки, подметнувања, роварење и сплети. Не со врски и јавувања.
Едноставно. Ако сакате државата да порасне, пораснете и вие самите. Читајте, надградувајте се и гласно зборувајте. Пријавувајте неправди и недоследности. Доста беше молчење! Одговорност мора да има. Ако ќутиме, соучесници сме. Одговорност и за тие кои прават злоупотреби, но и за оние кои местат, роварат, одметнуваат.
Вака веќе не оди. Мора да се вратиме во реалноста, да се преиспитаме и секој да понесе и лична општествена одговорност. Не може се некој друг за се да е крив!
Македонија мора да ја извадиме од пепелта, сите ние, со личен пример и сопствени дела!
Александар Ристевски