Пратеникот Миле Лефков на денешната прес-конференција истакна дека во киднапираната СДСМ се чудат од каде нивниот претседател Филипче и нивниот газда Заев се поврзуваат со криминал и корупција.
Доволно е само да ги прочитаат медиумите што во Македонија, што во регионот, и да се уверат дека двоецот Филипче – Заев се шампиони по коруптивни зделки, вели тој.
-Ќе потсетиме дека Филипче како министер во владата на Заев го спроведе скандалозниот тендер за јавно приватно партнерство за стерилизација, од 2019-тата година, тендер за кој и врапците знаеа дека ќе го добие компанија од Албанија уште само што се распиша. Но тоа не го спречи Филипче да го истурка овој тендер тежок 14 милиони евра, што само покажа уште тогаш дека на позицијата министер за здравство е поставен од страна на Заев за заедно да ги тераат матните милионски тендери и наместо здравствен систем за граѓаните, да градат систем за полнење на приватни џебови.
Ние како ВМРО-ДПМНЕ во 2019-тата година јавно поставивме прашање која е поврзаноста помеѓу Филипче, помеѓу луѓе од Владата на Заев и скандалозниот бизнисмен Илир Рапај кој е тесно поврзан со двете фирми кои се активни на тендерот за стерилизација. Овој контроверзен бизнисмен и неговите фирми и тогаш и особено сега се во центарот на скандали и во соседна Албанија за истата дејност, односно концесија за стерилизација. Имено за овој случај таму се води истрага и отпочнат е судски процес во кој опфатени се и поранешни високи функционери во министерството за здравство. Се надеваме дека Филипче и СДСМ прочитаа дека во Албанија е уапсен поранешен министер за здравство за слични матни тендери и зделки, откако од минатата година тамошното антикорупциско обвинителство започна истрага за концесијата за стерилизација, истакнува Лефков.
Дали Филипче стана пратеник за да го користи пратеничкиот имунитет? Дали Филипче и Заев, браќата по корупција и криминал ја киднапираа СДСМ за да се заштитат од евентуална одговорност? Дали планираат да ја направат партијата заложник за да се пазарат со правдата?
И Филипче и Заев треба да знаат дека нема да има пазарење со правдата. Ако постојат докази секој ќе одговара, па кој и да е и на која партиска или политичка функција да се наоѓа.