Македонија

Бигорски ги кани верниците на манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

Бигорски ги кани верниците на манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

Бигорскиот манастир, традиционално, ќе ја одбележи втората манастирска слава, Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден и по тој повод свештената бигорска обител преку објава ги поканува верниците на заедничка прослава.

– Во сабота, на 6 јули, во Свештената бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. Во недела наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе започне архиерејската Божествена Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Старецот Епископ г. Партениј, информираат од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот.

Затоа, порачуваат, да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча.

– Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен, нагласуваат од манастирот.

Посочуваат дека и кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш „колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат“.

– Молитвите на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас, посакуваат од Бигорскиот манастир.

Традиционално за празникот се очекува големо присуство на верници и гости од сите делови на државава.

Најнови вести од Македонија

To top