Свет

Орбан: Украина е светлосни години далеку од ЕУ

Орбан: Украина е светлосни години далеку од ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Украина е „светлосни години“ оддалечена од пристапувањето кон Европската унија.

Говорејќи на конгресот на неговата партија Фидес, Орбан кажа дека тој и неговата влада ќе се спротивстават на разговорите во ЕУ кон средината на декември за тоа дали Киев треба формално да ги почне преговорите за пристапување во европскиот блок.

За прием на нова земја во ЕУ потребна е согласност од сите членки на Унијата, а Орбан може да стави вето, пренесуваат американските медиуми.

Орбан вчера на партискиот конгрес во Будимпешта по 11 пат беше реизбран за претседател на Фидес.

Притоа тој кажа дека еден од приоритетите на неговата нова влада ќе биде да го запре патот на Украина кон ЕУ.

-Нашата задача е да го исправиме погрешното ветување, дека преговорите со Украина ќе почнат, бидејќи Киев сега е светлосни години оддалечен од ЕУ, рече унгарскиот премиер.

Европската комисија претходно овој месец предложи почеток на пристапните преговори со Украина, велејќи дека владата во Киев „покажа исклучително ниво на институционална сила, решителност и способност да функционира“.

Орбан посочува дека преговорите за членство не можат да почнат со земја во војна и дека членството на Украина ќе го промени системот на распределба на средствата за земјите-членки на ЕУ.

To top