Живот и Стил мпц

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Јулијан Тарсиски

Од благородно, сенаторско потекло; живееше во Тарс Киликиски, пострада во времето на Диоклецијан. Иако имаше само осумнаесет години кога беше подложен на мачење за верата, Свети Јулијан беше веќе доволно воспитан и утврден во христијанското благочестие. Царскиот намесник го водеше со себе цела година од град во град, постојано мачејќи го и наговарајќи го да се одрече од Христа. Мајка му оддалеку го следеше Јулијан. А кога намесникот ја фати и ја испрати да го посоветува својот син да се откаже од Христа, таа три дена му го зборуваше на синот во затворот спротивното, влечејќи го и храбрејќи го да не паѓа со духот, туку смело и со благодарност кон Бога да појде во смрт. Тогаш мачителите го зашија Јулијан во вреќа со песок, скорпии и змии, па го фрлија во морето. Мајка му исто така умре маченички. Неговите мошти брановите ги исфрлија на брегот, а верните ги пренесоа и чесно ги погребаа во Александрија, во 290 година. Подоцна тие мошти беа пренесени во Антиохија. Дојде време кога Свети Јован Златоуст одржа пофално слово за Светиот маченик Јулијан: „Од усните на мачениците исходеше свет глас и заедно со гласот се излеваше светлина појасна од сончевите зраци“. И уште: „Земи кого сакаш, избезумен или демонизиран и приведи од нив кај овој свет гроб во којшто лежат маченички мошти и ќе видиш како тој (демонот) веднаш ќе отскокне и ќе побегне како од палежен жар“. Од овие зборови е јасно колку многубројни чуда мора да се случувале на гробот на Свети Јулијан.

Тропар
Благословена си Ти, Пресвета Богородице Утешителке, Учителке и примеру на мајките, кои ги следат челадта на голгота, блажен си ти, о мачениче Јулијане, кој ободрен од мајка си, закрепнат од Христовата благодат, се откажа од минливите сладости на овој свет, па поита да созрееш мажествено, исповедајќи дека Вистината е над с?, Патот е Еден, а животот е вреден само кога е вечен.

Преподобните Јулиј и Јулијан

Родени браќа од грчката област Мирмидонија. Од малечки воспитани во христијанство, со завет дека ќе живеат секогаш во девственост, служејќи ? на Црквата. Јулиј беше презвитер, а Јулијан ѓакон. Од царот Теодосиј Помладиот издејствуваа грамат за да ги уриваат идолиштата, а да градат христијански цркви. Овие двајца браќа како двајца апостоли ги обраќаа нехристијаните во христијани вдолж Исток и Запад и ѕидаа цркви. Додека живееја изградија сто цркви. Се упокоија мирно во Господа, близу Медиолан. Жителите на Медиолан го повикуваат Свети Јулиј на помош против волците.

Тропар
Угодници свети Господови, Јулие и Јулијане, Храмови молитвени преку вас никнаа во слава Божја, за спасение на многумина и прослава Спасителева. Радувајте се, верни слуги, и за нас спомнете си од Храмот Неракотворен Небесен.

Светиот маченик Арчил II цар Грузиски

Син на царот Стефан, а внук на великиот грузиски цар Вахтанг. Царот Арчил, голем христијанин и заштитник на христијанството, беше мачен од муслиманите и заклан за Христа на 20 март 744 година. Имаше осумдесет години кога пострада за Господ и се пресели во блажената вечност.

Светиот маченик Луарсаб II, кнез Карталински во Грузија

Татко му, Георгиј III, исто така пострада за верата, отруен од персискиот шах. Самиот Луарсаб беше фрлен во некој затвор близу Ширас, во којшто остана седум години. Потоа на наредба од шахот Абас I беше обесен во затворот со двајца слуги, на 21 јуни 1622 година. На неговиот гроб е видена небесна светлина.

Поврзани теми

To top