ТВ и Филм

Новиот вестерн на Кевин Костнер политички коректен кон Домородните Американци

Новиот вестерн на Кевин Костнер политички коректен кон Домородните Американци

Во првиот дел на епот на Кевин Костнер, „Хоризонт: Американска сага“, доселениците се упатуваат кон западот на Америка во потрага по „ветената земја“, каде што можат да ги запрат своите вагони и да подигнат нов град… Но, кога тие навлегуваат во земјата на домородниот народ Апачи, староседелците „не се најсреќни“ поради тоа, наведува воведот во сагата.

Поглавјето број 1 од сагата што говори за ерата на Граѓанската војна, излезе во кината денеска и, меѓу другото, фрла поглед и на заедницата на Апачите. Со оглед на историски нечувствителните портрети на Домородните Американци низ историјата на филмот, домородните актери кои имаат свој удел во „Хоризонт“ уверуваат дека тн. „Индијанци“ овојпат не се само лоши примитивни момци и разголени жени.

– Како домороден глумец, кога ќе се појават „Западњаците“, треба да бидете многу внимателни и претпазливи ако се фаќате во некоја работа со нив, изјави глумецот Татанка Минс, кој е припадник на четири домородни народи, но е и комичар.


Меѓу староседелците, Костнер ја заслужи почитта уште со неговиот филм „Танц со волците“, награден со Оскар во 1990 година, кој не само што вработи многу домородни глумци, туку и понуди позитивни портрети – различни од дотогаш.

– Мислам дека Кевин и тоа – како се справи со работите во „Танц со волците“ и другите каубојски филмови што ги направи, верувам дека довербата беше воспоставена таму, додаде Минс, кој го глуми Апачи воинот Таклишим во „Хоризонт“.

И Васе Чиф, припадничка на народот Оглала Лакота, се согласува дека е важно американските староседелци навистина да бидат прикажани како што треба.

– Само сакам, и се надевам, дека домородните луѓе ќе се чувствуваат горди кога ќе го гледаат (филмот) и ќе бидат горди што нè прикажуваат како силен народ, затоа што отсекогаш сме биле и сè уште сме силни луѓе. Ја покажавме нашата големина, но и силата што секогаш сме ја одржувале. Сè уште тука!, изјави Чиф.

„Хоризонт“ – 1. дел засега има оценка 7,3 / 10 на ИМДБ. Се снимаат уште три дела од сагата.

To top