Португалците се бесни на организаторите на ЕВРО 2024 поради неколкуте влетувања на терен на навивачи кои сакаа да се фотографираат со Кристијано Роналдо, но малото дете кое успеа да стигне до Португалецот ги освои симпатиите на јавноста.
Детето има 10 години и се вика Берат, а неговиот татко Цетин обелодени дека УЕФА и германските власти решиле да не го санкционираат за овој престап.
„Нема да има никаква казна, мислам дека УЕФА му прости затоа што е толку мал. Не знам како се случи тоа, само за момент го свртев погледот, две секунди подоцна го видов како е качен на клупата за резерви, од каде скокна на теренот и тргна кон Роналдо“, изјави Цетин.
Изјава за оваа случка даде и малиот Берат, кој обелодени дека претходно им најавил на најблиските дека ќе стори такво нешто.
„Зошто го сторив тоа? Искрено, не знам, но знам дека сега нема да спијам со ноќи, толку многу сум возбуден. Кажав дека ќе го направам тоа, дека ќе имам селфи со Кристијано, никој не ми веруваше“, истакна 10-годишниот Берат.