Македонија

Приоритети на новата Влада: Враќање на довербата во институциите, елиминирање на корупцијата, владеење на правото, економски прогрес

Седницата на Собранието за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски треба да продолжи денеска, а гласањето ќе следи по завршување на претресот, најдоцна на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници. Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата влада во Законодавниот дом брои 78 пратеници, 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Приоритети на новата Влада: Враќање на довербата во институциите, елиминирање на корупцијата, владеење на правото, економски прогрес

Седницата на Собранието за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски треба да продолжи денеска, а гласањето ќе следи по завршување на претресот, најдоцна на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници. Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата влада во Законодавниот дом брои 78 пратеници, 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Програмата за работа на Владата 2024-2028, доставена во Собранието од мандаторот Христијан Мицкоски, е претставена во шест столба на над 60 страни. Носечка цел, како што се наведува, е обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување на владеење на правото, како и економското заживување со цел создавање на продуктивни и добро платени работни места.

Првиот столб – квалитетен животен стандард и нов циклус на економски раст, става акцент на стабилни јавни финансии, поддршка за конкурентен приватен сектор, поддршка за иновациите и ИКТ секторот, најавува продуктивни и високоплатени работни места, како и национален план за демографија. Се залага за развиено земјоделство и развиена и функционална инфраструктура и енергетски сектор во служба на државата.

– Наша цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да цветаат. Преку стратешки инвестиции во инфраструктурата и енергетиката ќе го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани и ќе обезбедиме одржлив развој, се вели во Програмата на Владата.

Целта на Владата е до 2028 година да се намали стапката на невработеност до 7,5% и во следните четири години да се креираат 55 илјади нови работни места, задржување на рамниот данок и данок на личен доход од 10 проценти.

Доколку не се случат непредвидени политички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво, во Програмата, се оценува дека постојат услови започнувајќи од 2025 година, растот на БДП да се движи од 3 до 5 проценти. Се планира постепено намалување на буџетскиот дефицит на ниво под 3% од БДП и се очекува во периодот 2025-2028 година просечната стапка на инфлација да изнесува меѓу 2% и 2,5% годишно.

– Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка, со очекување дека истата преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен финансиски сектор, се вели во програмата.

Во програмата се најавува обновување на брендирањето на Македонија како поволна инвестициска дестинација и светска промоција, како и формирање на единствена Агенција за странски инвестиции и извоз, преку спојување и рационализација на постоечките агенции и обезбедување one-stop-shop услуга за инвеститорите.

Владата, исто така, се обврзува да го стави демографскиот развој во прв план и предвидува зголемување на мерките и поддршката за родителите, но и системска и сеопфатна програма за поддршка на лицата кои ќе се вратат од стрнаство. Исто така, се предвидува и отворање на научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика.

– Предвидуваме програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства за еден мандат за поставување на нови енергетски фасади, прозорци и врати, како и субвенции за граѓаните до 50% за набавка и инсталација на сончеви колектори, топлински пумпи и фотоволтаични електрични централи за производство на струја за сопствени потреби. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот на произведена електрична енергија, по подобри услови, со промена на постојната регулатива, се предвидува во програмата на Владата.

Во делот на постигнување енергетска одржливост и независност владината програма предвидува модернизација и продолжување на работниот век на ТЕЦ „Осломеј“, гасификација на ТЕЦ „Неготино“, енергетска транзиција на РЕК Битола и финансирање на Рударско-енергетски комплекс во Источна Македонија, како и активно работење на диверзификација на изворите за производство на електрична енергија.

Владата, исто така, во програмата се обврзува на завршување со изградба на автопатите Кичево – Охрид, Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, како и продолжување со договорените делници од Коридорите 8 и 10Д.

Вториот столб – фронт против корупцијата, предвидува реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата.

– Законите ќе се применуваат еднакво за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, полова и друга припадност. Владата ќе понуди нови системски решенија за трансформација на правосудните органи во вистински независни, транспарентни, одговорни и ефикасни субјекти кои се темел за едно нормално демократско општество. Ќе се посвети на ослободување на судството од стегите на извршната власт и спроведување политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам, се вели во програмата на Владата.

Предвидува распуштање и законска реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Во преоден период, Владата ќе иницира законски измени со кои ќе утврди строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата, преку транспарентна и јавна постапка што ќе го гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Владата ќе иницира процес на промена на Уставот во делот на уредување на составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Владата, исто така, ќе иницира донесување на целосно нов Кривичен законик по примерот на неколку нам сродни правосудни системи, Закон за јавно обвинителство, Закон за судови, Закон за Судски совет, Закон за кривична постапка, Закон за Совет на јавни обвинители и други неопходни закони.

– Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство, при што посебно внимание ќе се посвети на загрозувањето на човековите права направени во постапките, прекршување на процесните закони при постапувањето, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиските средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО, се вели во програмата на Владата.

Третиот столб – владеење на право во институциите, предвидува реформи во политичкиот систем и јавната администрација, достапни јавни услуги – Смарт Македонија, како и развиени локални самоуправи и рамномерен регионален развој.

– Владата ќе промовира политика на разбирање и соработка во процесот на демократска реформа, залагајќи се за принципот „национален консензус“. Ќе настојуваме во водењето на политиката да се постигнува што е можно посеопфатен политички консензус при креирањето и реализацијата на проектите и политиките со долгорочно значење и вредноста за државата, се вели во програмата на Владата.

Во таа насока, Владата ќе ги поддржи сеопфатните дискусии во Собранието за: измени на Уставот со кои ќе се овозможи Собрание од 90 пратеници, како и системски и законски реформи за воведување на една изборна единица за избор на пратениците, укинување на изборниот цензус за Претседател, укинување на концептот на т.н. Техничка влада, реформа на Уставниот суд и воспоставување на можност за разрешување на градоначалник.

Четвртиот столб – функционален институционален систем, става акцент на квалитетен здравствен систем и образование за иднината, чиста животна средина, социјална грижа и посветена грижа за пензионерите.

– Образованието и здравството се во срцето на нашата агенда. Ќе спроведеме реформи за подобрување на квалитетот и достапноста на образованието, подготвувајќи ги граѓаните за предизвиците на современиот свет. Нашиот здравствен систем ќе се зајакне за да обезбеди сигурна и висококвалитетна грижа за секој граѓанин. Ќе се фокусираме на социјалната кохезија, поддршката на семејствата, промовирањето на еднакви можности и заштитата на правата и слободите на сите поединци, се вели во владината програма.

За пензионерите ќе обезбедиме по 5 000 денари повеќе за пензии во првата година од мандатот.

Петтиот столб – национални приоритети, ги исцртува приоритетите во надворешната политика, безбедноста и одбраната, културата како столб на државата, како и развиен туризам и спортот како национална гордост.

– Нашата посветеност на европските интеграции останува цврста. Ќе работиме ангажирано на усогласување на нашите политики со европските стандарди, унапредувајќи ја нашата цел за полноправно членство во Европската унија. Овој пристап ќе донесе стабилност, економски раст и засилена меѓународна соработка, обезбедувајќи подобра иднина за граѓаните, стои во програмата на Владата за периодот 2024-2028.

Шестиот столб – права и слободи, ги става жената во центарот на македонското општество и младите во фокусот, слободни и независни медиуми, како и поддршка на граѓанскиот сектор и владина транспарентност и отчетност.

– Културата и туризмот се од витално значење за македонскиот национален идентитет и економски просперитет. Ќе инвестираме во развој на културната инфраструктура, ќе ја поддржиме уметноста и ќе го промовираме богатото наследство на домашен и на меѓународен план. Со подобрување на нашите туристички понуди и подобрување на искуството на посетителите, ќе привлечеме повеќе туристи, ќе ги зајакнеме локалните економии и ќе ги прикажеме убавината и различноста на нашата земја. Развојот на спортот е клучен за поттикнување на националната гордост и промовирање на здрав живот. Спортот ќе биде клучен елемент во градењето на духот на заедницата и обезбедување можности за нашите млади, се вели во програмата на Владата.

Целосната Програма за работа на Владата 2024-2028, доставена во Собранието од мандаторот Христијан Мицкоски може да се погледне на следниот линк.

To top