Магично Вевчани, познато по својата богата културна историја и природни убавини, синоќа блескаше како никогаш досега. Во ресторанот Via Ignacia, свечено се отвори 13-тото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“ 2024, кое собра врвни уметници од Македонија и светот.
Колонијата оваа година ги пречека следните уметници: Донe Милјаноски, Зоран Јакимоски, Томе Мишев, Синиша Кашавелски, Петар Попчев, Данче Ордева, Владимир Темков, Трајче Блажевски, Ангел Миов, Фехим Хушковиќ, Глигор Васков, Ване Костуринов, Љупка Василева, Далас Атак (САД), Нина Русева (Бугарија), Кристоф Барник (Полска), Барбара Барник (Полска), Миролјуб Сртеновиќ (Србија), Миливоје Стуловиќ (Србија), Ивана Живиќ (Србија), Даниела Радовиќ Хес (Србија), Каќа Ѓорѓевиќ (Србија), Ѓорѓе Станич (Србија), Самела Белјази (Албанија), Тодор Јовановски (Србија) и Робин Шварцман (САД).
Ова беше 13-тото издание на оваа престижна меѓународна колонија, каде што уметниците имаа можност да создаваат, разменуваат идеи и инспирации, и да го продлабочуваат своето уметничко искуство.
Отворањето на колонијата беше спектакл сам по себе – музичка и визуелна симфонија. Под звуците на пијано и флејта, гостите уживаа во одличната храна и прекрасната атмосфера, а врвот на вечерта беше изложбата на најдобрите дела од македонските уметници од сите претходни колонии. Присутни беа пријатели на колонијата, уметници, претставници на државните институции и дипломатскиот кор.
„Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“ претставува уникатна платформа за уметници од различни земји да се поврзат, да разменат идеи и да создадат нови дела. Очекувањата од оваа година беа високи, со надеж дека ќе се остварат нови уметнички достигнувања и ќе се зацврсти меѓународната соработка во полето на уметноста. Вевчани и оваа година ќе биде центар на уметничкото творештво, нудејќи инспирација и можности за сите учесници” изјави Ефимија Кукоска.